Ана Бунтеска: во главата кога „клик“ ти прави

Добивај вести на Viber

во главата кога „клик“ ти прави

па се криеш од сите

а најмногу од самата себе

и само очите ти светат во ноќта

а во денот најтемната точка си ти

со сите стравови

борби

сомнежи

зачнати љубови

убиени љубови

отсонувани дијалози

на глас кажани монолози

со мисла за смртта

скриена зад лажна насмевка

самоуверена и дрска

а знаеш дека сето тоа е лага

па смислуваш приказна

во која си главен лик

а спореден во сопствениот живот

зошто осамата те мачи

а луѓето те нервираат

и знаеш дека нешто не е в ред

па се мислиш да појдеш на психијатар

ама на пола пат назад се враќаш

шубе ти е да не рече дека си нормален

оти со лудоста знаеш како да излезеш накрај

а чувствуваш дека не си ко што треба

кожата те боли оти душата преширока ти е

а срцето ти прескокнува како на времето расипана

плоча

во себе знаеш дека не е до времето

ниту до годините е

ниту до животот или смртта

туку до тагата дека е –

се насобрала, натежнала

згуснала и на клетки се напластила

ете така ми е

денес така ми тежи светот

како кога во главата „клик“ ти прави.


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска