Ана Бунтеска: Во моите раце

Добивај вести на Viber

Во моите раце не остана ништо 

Освен ветар и малку магла

Неколку капки есенски дожд

И две-три нијанси од паднати лисја

Чиниш боите пуштиле

Како алишта ставени на погрешна програма

Во моите раце едно време имаше среќа

Преплетени прсти и грст смеа

Верба во љубов

И надеж дека има подобро утре

Она за кое се колневме дека наше ќе е

Без оглед на се’

Во моите раце одамна само провев има

Можеби и затоа се студени

Дури и тогаш кога сонце пече

И кога велат оти пекол е надвор

Та некогаш се мислам ракавици да ставам

Чунки студенилото само однадвор е

Во моите раце нема соништа

Ниту кошмари има

Туку зјаат како отворени џамови

Во куќа која напуштена е

И во која нема кој да се врати

Во моите раце само тага има

Која ја стискам одвреме-навреме

Како оние меки топчиња

Кои наместо спокој да ми дадат

Само уште повеќе ме потсетуваат

Дека твојата дланка ја нема

Во моите раце

А и во твоите

Веќе долго време не збира ништо

Како да ни се смалиле шаките

Та што и да фатиме не додржуваме

Та некојпат си мислам дека и не е до нив

Туку дека умовите така ни гледаат

А колку знам

За ум ретко чаре се наоѓа

Да не речам скоро никогаш

И се тешам оти еден ден

И двајцата ќе прогледаме

Или да се видиме со други очи ќе сакаме

Па повторно рацете ширум отворени ќе ни бидат

За сиот свет во нив да го збере

Мојот-во твоите раце безбеден

Твојот-во моиве тенки прсти испреплетен

Наместо вака, како сега

Кога ниту да фатам нешто можам

Ниту она што ќе го дофатам го задржувам

Нашите раце со векови празни се

Оти денот, година станат е

Без стисок

Без топлина

Без тебе


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска