Ана Бунтеска: во молк мислите си ги џвакаме
Си ги голтаме мислите
како да се бонбончиња
од оние малите, ментол
за да не ни горчи во устата
од она што го премолчевме
и во устата ги жабуркаме зборовите
за да ги исплукаме
налет да се
нека одат во сливникот
и пушти им вода
жешка, нека ги изгори
и онака ниту еден убав не се потрефи
си ги голтаме мислите
како ненајадени
како алчни сурати по кафеани
во кои пејат полуголи девојчиња
без глас
со убав стас
со светнати очи
празни, празни утроби
кои ги трупаме со месо
живо нека е само
за да не се јадеме меѓусебе
си ги голтаме мислите
дур главите не ни се испразнат
ич да не му ја мислиш
ќе ги наполниме со ветер
и магла ќе ставиме малку
нека се измеша
ќе бидеме слеани во скопскиот шарм
а градите од никотин и шлајм ќе ни вријат
како музика од која бегање нема
диши
издиши
свири и боли
ама важно мисли ќе немаме
ниту низ нив ќе се ловиме
како искусни ловци
тргнати по дивеч
по крв
си ги голтаме мислите
си ги голтаме чувствата
и љубовта така ја изголтавме
без усул
та сега лошо ни е
и се спремаме да ја изблуеме
од јад
од мака
од страв дека сам по сам ќе скапеме
и дека никогаш веќе не ќе се видиме
еден со друг се блуеме
во молк мислите си ги џвакаме
дур не ги снема
а со нив и душите да ни анестезираат
за повеќе да не ни оди умот еден во друг
молкум
крвнички
тажно
многу тажно
срцата си ги изголтавме
дур мислите ни умираат
како ти
како јас
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски