Ана Бунтеска: Во овој молк и шепотот ќе е гласен

Добивај вести на Viber

Дојди ми со убави мисли,


стокмен во одбрани зборови,


накитен со насмевка


и сјај во очите.


Дојди ми како љубовник,


како некој кој може да ме засити,


да ме напои,


дојди како одамна чекана рожба.


Дојди ми,


одамна го чекам ветениот дожд,


оној кој лие безмилосно,


со молњи и ветар што продира до коски.


Дојди ми со разурнувачка сила и моќ,


прегази ги сите брани што ги имам пред себе,


слечи ме,


соголи ми ги душата и телото.


Дојди ми,


за да можам да ти дојдам и јас,


кревка во својата голотија,


храбра за да побарам да ме љубиш.


Ќе легнам пред тебе,


покорно и мирно,


со грст песни во рацеве,


со чист поглед и без глума.


Ова сум, таа сум, ваква сум,


ниту повеќе,


ниту помалку од она што го давам,


од она што го гледаш во моите очи.


Дојди ми,


или повикај ме да дојдам,


сеедно,


само да те почувствувам сакам,


твоето пулсирање во мојата утроба,


твоите дланки на градиве,


мирисот на страст и глад по мене,


копнежот кој се меша со болен стисок,


загризот до крв,


твојот здив кој ми ја гори кожава.


Дојди ми...


или барем повикај ме...


во овој молк и шепотот ќе е гласен.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска