Ана Бунтеска: Во твоите раце

Добивај вести на Viber

Во твоите раце

Ги ставив сите мои сни

Удобно ги сместив надежите

Ги легнав копнежите

Поднаместени по азбучен редослед

За полесно да ги читаш

Во твоите големи дланки

Ги сместив моиве скоро 50 години

Како војничиња играчки на мало дете

Кои наизуст по име ги знае

И кои никогаш не остануваат на бојното поле

Поразени или убиени

Во твоите дланки

Широки колку небото над градов

На кое се назира полната месечина

Се стуткав како фетус

Чекајќи времето да му дојде

За да се роди од нечија солза радосница

Во твоите раце

Во твоите големи и широки дланки

Сиот мој свет го собира

Како да е шака џамлии

Светкави и шарени

Низ кои улиците сјаат со спокој

Во твоите дланки

Кои за разлика од моите

Секогаш се меки и топли

Го поднаместив грбот

Како милениче кое се мести за галење

Без ронка страв дека избркано ќе е

Во твоите големи дланки

Во чија вдлабнатина

Моето тело поприма друг облик

Ги оставив коскиве

Како во ковчег кој за мене е правен

Токму по мерка како по нарачка

Твоите дланки

Толку топли како сомун леб

Изваден сега од печката

И толку големи

Како дом во кој безбедна сум

Ги оставив сите песни и зборови

Без срам за да ти кажам колку те љубам

И без двоумење дали ќе ме разбереш

Кога по тебе пекам како дете

Или кога се лутам што до мене не си

Ете

Само таму се сместив

Знаејќи местото каде ми е

Со сета тежина која во душава ја носам

Со срце обелено

И црвени коси кои низ прстите ти бегаат

Твоите големи дланки

Твоите толку топли и широки дланки

Држи ги стиснати

Силно и цврсто

Не испуштај ме

Не испуштај ми ја љубовта


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска