Ана Бунтеска: Врати ми се
“Остави ме, пишувам”-ти велам,
додека ги чувствувам твоите немирни прсти,
ме задеваат по коса, ме скокоткаат прамени по лицево.
Мал насмев на крајот од твоите усни,
“пишувањето не е за тебе, пишувањето е за тажни луѓе,
а ти, ти ме имаш мене, нели?”, прашално ги извиваш веѓите.
Подголтнувам мала топка горчина,
со уморно движење го оставам листот хартија
и се вртам накај тебе со молба во очите.
“Знаеш дека само така умеам”, тивко воздивнувам,
“не можам да говорам за моите немирни соништа, за желбите,
за сите љубови и болки, само така можам се’ да извадам од себе”.
“Те молам, остави ме да те напишам,
со никого не говорам за тебе,
дури ниту со себе”.
Се тргаш со остро движење,
празниот воздух, полн со лошо претчувство ми ја лади кожата,
ми наморничува во срцето.
“Но, добро”, велиш, навидум мирно и спокојно,
“нема да ти пречам,
пишувај штом е тоа навистина толку важно”.
Занемено седам на креветот со постелнина во боја на црно вино,
гледам во една точка на ѕидот,
додека твоето заминување ме удира со сета сила.
Ми тежи тишината во срцево
и зборовите во главата кои вреват како никогаш досега,
а повторно не можам да говорам.
Ми оставаш празнотија по којзнае кој пат, молк кој секогаш боли како и првиот пат,
и секој пат имам се’ помалку сила да те вратам, да ти кажам,
да те убедам во мојата љубов.
Пишувам,
зборовите се тркалаат низ мастилото,
те барам низ нив, ти зборувам.
Те љубам, зарем не гледаш,
зарем не ја чувствуваш мојата тага, по тебе,
по она што некогаш бевме секој за себе и заедно.
А тишината ги јаде моите мисли,
се удираат по ѕидовите и паѓаат поразени на подот,
се тркалаат бесцелно.
“Врати се”, се движат моите усни,
“врати се”, вришти моето згрчено тело додека самотијата безгласно се смее,
врати ми се.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска