Ана Бунтеска: Времето ни беше најголемиот непријател
Времето ни беше
најголемиот непријател
За да ги натокмиме сите желби
Кои беа неостварливи и илузија
А во кои ги сокривме нашите стравови
Знаејќи дека еден ден
Дека сепак еден ден
Ќе се разбудиме секој во својот дом
Преку две улици како две мориња
Кои никако не ќе ги препливавме
Времето ни беше најголемиот непријател
Лут душман на моите сомнежи
Лажен пријател на твоите лаги
Та се тешевме и се убедувавме
Оти арни сме еден за друг
Во нашиот меур од сапуница
Удобно залежани во идејата
Дека љубов е тоа што нѐ спојува
Додека сѐ не ни се распрсна
Времето ни беше најголемиот непријател
Затскриено зад привиден спокој
Навидум мирен сон
Во кој чкрипевме со забите
Додека не ни се одрони мислата
Додека не ни избега вербата
Та престанавме во часовникот да гледаме
Кој само одбројуваше
Уште колку ќе издржиме заедно
Времето ни беше најголемиот непријател
Кој не ни го прости предавството
Кога грб со грб си легнувавме
Во постела која беше постудена од мраз
На перници како од камен
И кога на астал секој засебно седнувавме
Да ги дојадеме трошките од животот
Во кој немавме видено убост
Од гозбата на вистинската љубов
Времето ни беше најголемиот непријател
Кога ја планиравме иднината
Во која нѐ немаше
Како фотографија на која недостасуваш
Како фотографија на која мене ме нема
Ставени во тешки сребрени рамки
Како огламник околу вратовите
Кои ни крцкаа при секое вртење
Додека ја баравме слободата безуспешно
Времето ти беше непријател
За да признаеш пред себе дека повеќе не ме љубиш
Времето ми беше изгор болка
За да си заминам тогаш кога требаше
За да не чмаеме во тишина
За да се натерам да скршам збор два со тебе
Знаејќи дека сите думи
Ќе се удрат во ѕидот кој го стави пред себе
Од немајкаде, од незнаење
Времето...
Времето беше единственото нешто
Од кое се плашевме како од ѓавол
А кое како и секој ѓавол
Си дојде по своето
По твојата душа
По моето срце
По нашите мисли еден за друг
По нашата љубов
За Женски Магазин, Ана Бунтеска