Ана Бунтеска: Вресокот на љубовта
посакував да сум тишина
нечија
еве
можев и твоја да сум
тишина која лечи
која тлее во срцето
која успива како во лулка
онаа што со сласт ќе ја впиваш
која ќе ти даде мир
спокој на душата
со која дишењето ќе си го слушаш
и гласот во тебе кој патот ќе ти го каже
а сега
сега сакам вресок да сум
од бол
страв
среќа
оргазмичен
полн страст
оној кој ослободува
кој оковите ги кине
кој ќе те натера да го вдишеш светот
со гради полни љубов да трчаш
свој да си
а така и мој да станеш
вресок сакам да сум ти
во тишината која не’ има оглувено
во која веќе ниту мислите не си ги слушаме
во која ударите на срцето ни замреа
да вриснеш
колку што гласот те држи
без срам
без каење
до небо да се слушне
посилно од сите татнежи
од сите удари со кои животот не’ дарувал
твојот вресок и мој да стане
да се разбудиме од оваа тишина
со вриеж во телата
чисти умови
дланки полни желби
секавици во очите
со љубов
ти и јас
да се разбудиме
со вресокот на љубовта
кој ќе е посилен од сиот молк
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Фото, Стојан Стојановски