Ана Бунтеска: За ќерка ми...
Единствената видлива лузна на мене,
е онаа од царскиот рез,
хоризонтална,
на долниот дел од стомакот,
оној ден кога сама одлучи дека ти е дојдено времето
да се одделиш од мојата утроба.
Единствената видлива лузна на мене,
е онаа која секогаш ќе ме потсетува на денот
кога со тебе повторно се родив,
со страв и бол,
дека во делот кој од мене ти го дадов,
ќе си осудена да љубиш со сето битие,
со сила која лекува други,
а го убива оној што ја дава.
Единствената лузна во мене,
која не се гледа, а крвари,
е стравот дали ќе сум доволно добра,
доволно силна и мудра,
за да те научам да си ја чуваш и сочуваш душата,
а срцето да ти остане во еден дел,
оти после не се лепи.
Единствената лузна која ќе ме боли до смрт,
ќе е онаа која ќе се залепи на мене кога ти првата во душа ќе ја добиеш,
која ќе ме разори и ќе остане после мене,
дека не сум успеала да те заштитам од она што бол се вика,
иако знам дека ќе си посилна од мене и за многу нешта похрабра.
Ете, затоа пишувам,
за да можеш еден ден да ме запознаеш и како жена, човек,
со сите болки и стравови,
со сите мои демони и неуспеси,
со сета љубов која во срцето сум ја носела.
Ете, таа лузна што ќе ти ја донесе мојата душа,
таа ти ја подарувам,
оти таа е единствената за која нема да можам да се извинам,
за која ќе немам оправдание ниту пред тебе, ниту пред себе,
оти таква сум...таа сум.
И еден ден, кога ќе ја имаш мојата книга в рака
и ќе ми ја вртиш душата низ прсти,
ќе знаеш оти исто се љуби и на 20 и на 40,
само ако имаш срце во себе.
Ете тогаш, ќе ми простиш, а и себе,
зошто сме толку слични, а сепак различни,
оти дел од моето проклетство за љубење,
преминало и на тебе.
Единствената видлива лузна на моето тело,
ја носам со гордост,
оти таа е единствената која ми ја донела безусловната љубов,
најголемата радост и болка,
најголемиот страв и борба,
ТЕБЕ.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска