Ана Бунтеска: за љубов се работи

Добивај вести на Viber

(за ќерка ми)

Страв ми е да не згрешам

да не ја утнам некаде работата

оти за љубов се работи

за онаа безусловната

за онаа каде што грешките болат

болат повеќе од сопствената несреќа

за ќерка ми

за неа ми е страв да не згрешам

расте

се зачо’ечува

и своја станува

а мене уплав ме фаќа да не оплескам некаде

оти не знам каде е границата меѓу многу

и малку

како да ја научам да се сака себеси

многу, за да не се загуби низ животот

и малку за себична да не биде

каде лежи таа пуста граница

кликот каде е, ете тоа ме мачи

оти после оправање нема

дал’ да се дава себеси

да се раздава со љубовта која од очите

ѝ блика

ил’ да е повоздржана срцето за да не

ѝ венее

што ли среќна ќе ја направи?

каде е идеалната средина кантарот мирно за да стои

да не повлече ниту удолу ниту угоре

оти за љубов се работи, луѓе

за онаа која грешки не простува

и секоја една уште долго пред себе ќе ја гледам

и ќе боли

ќе ме боли болката нејзина

и уште појќе што ќе знам неа колку ќе ја јаде

и што нема да можам ништо да сторам

оти ум делење тогаш не помага

ете, знае тоа мајка ми

дека отпосле ум не доаѓа

како ќе те скројат

таков низ животот ќе врвиш

а ја гледам

ја гледам како расте

и си велам

на толку песни напишани

барем еден прирачник да стокмев

еден прирачник за тоа како се штити дете

од сè

од болка

и загуба

од падови

и солзи

од самата себеси да се зачува

оти то’ ко’ ќе го знае

ќе знае

и од другите како да се заштити

барем толку да можев

едно книжуле да чкртнев

како да го љубиш чедото

а да не го задушиш со љубовта своја

како да го чуваш

а да не создадеш обрач

како да си тука

а доволно далеку за да дише слободно

како твое да остане

ама секогаш свое да си биде

ете тоа не знам

и тоа ме дроби

оти растат брзо, премногу брзо

198 199

а и ние што ги чуваме грешни сме

и плашливи

оти за љубов, за љубов се работи

луѓе мои, за љубов се работи


Поетесата Ана Бунтеска, за Женски магазин