Ана Бунтеска: за секое грнче, капаче има
За секој чо’ек, чо’ек има
Ваков или онаков ама на душа да ти се лепи
Да ти биде к’о дел од тебе отсечен
Та повторно зашиен со многу љубов
За да не се познае засекот кај е
Чо’ек има за секого
Ко ш’о има за секое грнче капаче
Та ништо поуб’о нема од тој миг
Кога капачето ќе си го најдеш
И кога во срцето ќе знаеш оти нечие грнче си
Оти веќе нема празно сам да зјаеш
Или капачето без грнче да остане
Зашуткано некаде кај ш’о никој не го мисли
Дур еден ден негде не загине
Или пак, не дај Боже, се скрши
За секој еден чо’ек на земјава, чо’ек има
Ама пусто како да се најдете
И како да си бидете од две – едно
Да се сторите к’о чаршаф исплетен
Густо навезен, ништо да не може да го одвои
Освен насила да го скине
К’о ш’о само смртта може
За секое грнче капаче
За секој чо’ек, чо’ек
За секое пиле, друго пиле
За да не се сами
Заедно за да запеат и да ечи
Абе светов да одекнува од љубовна песна
Оти пиле со пиле ко’ ќе се најде
Нема кафез кој може да ги скроти
Ниту темница која може да ги занеми
Затоа пиле мое, ете затоа капачето да си го најдеш
И да знаеш како нечие грнче да бидеш
Оти сам по сам не бива
Ниту ти некојпат среќна ќе си
Ниту тој карши тебе виделина ќе има
И колку и да ти е полна душата
Без капаче само ќе прелева и ќе се троши
Ќе ти истече љубовта
И добрината ќе ти се одлее
Не го бива, чупче, чо’ек сам
Не го бива без својата втора поло’ина
Како без живот и смеа
Како без убост и радост
Зато’, пиле, умна да си
Очите во гла’ата да си ги отвориш
А душата и срцето уште појќе
За да го познаеш
За да не го одминеш не знаејќи дека тоа е ТОЈ
Твоето пиле
Твојот убав чо’ек
Твоето капаче
Душата твоја надве пресечена
К’о јаболко преполовено
К’о од гром, дрво расцепено
К’о река пресушена
К’о сега ш’о си
Пиле мое, душо моја
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска