Ана Бунтеска: За смртта
Не ти се плашам повеќе,
не се плашам дали ќе болиш,
или пак нежно ќе ме допреш,
како дланка на дамнешен љубовник...
Не ме тревожи повеќе помислата на тебе,
не ги одбројувам деновите и минутите,
и не сакам да знам дали ќе е скоро,
или пак ќе почекаш уште малку...
Не те мислам,
не те ни замислувам,
не знам дали ќе ме стасаш во трк,
или пак спокојно и мирно ќе се претставиш како добар пријател...
Не се прашувам ниту како изгледаш,
дали си убава на лик,
дали ти е кожата мека и нежна,
или пак на сениште наликуваш...
Не мислам на тоа како мирисаш,
дали гнилеж ќе сетам,
или пак вешто ќе ме прелажеш,
со мирис на љубовна игра...
Не знам дали ќе имаш вкус
можеби на пелин,
па јазикот ќе ми го изгориш,
или пак како слатко од смокви ќе те сетам на усни...
Не ти се плашам повеќе,
одамна сум спремна,
не те чекам и не ти бегам,
оти бегање од тебе нема...
И не..проклета и благословена биди,
не ти се плашам,
сега тебе ти е редот од мене страв да имаш,
да не ти дојдам порано од што за мене си спремна.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Фото: Мери Бошкоска