Ана Бунтеска: За твоите и моите...демони
Ми зборуваш за демони,
скриени, во кафез ставени,
кои ги гребат ѕидовите на твојот ум,
ги гризат решетките со острите заби,
завиваат во тебе како гладни волци.
Се плашиш?
дека не ќе можеш да ги додржиш
или можеби дека сам ќе ги пуштиш надвор?
дека се дел од тебе кој не можеш да го искорнеш,
или перверзно уживаш во нивната моќ?!
Јас да...од моите имам уплав,
оти никогаш не ги затворив,
не се ни обидов да ги скротам,
со надеж дека ќе им здодее да ме измачуваат,
дека еден ден пустош ќе сторат, ќе се спакуваат и заминат.
А итрите доаѓаат наеднаш,
без најава, без да почукаат,
без да ме припремат за она што следи,
само утробата ми ја стегаат,
во немоќ на коленици ме ничкосуваат.
Се хранат со бол и страв
и затоа избегнувам да чувствувам,
а сега, сега им се плашам најмногу,
оти љубов во себе носам како проклетство или дар,
љубов која лесно може да прерасне во бол.
Е, тогаш моите демони на гозба ќе дојдат,
ќе седнат со скрстени нозе околу срцево,
ќе јадат со раце,
ќе пикаат во ненаситните усти,
со сласт крвта ќе ми ја пијат.
Се плашам од моите демони...повеќе отколку од твоите,
од себе... повеќе отколку од тебе,
од она што можам да го имам...повеќе од она што го немам,
од она што можам да бидам...повеќе од она што не сум,
од она што знам дека може да се случи, а не сакам.
Затоа...отвори го кафезот,
демоните ослободи ги, остави со моите да се најдат,
па можеби и двајцата ќе здивнеме ако се бендисаат,
можеби и ние ќе се најдеме,
додека нашите демони љубов водат.
З Женски Магазин, Ана Бунтеска