Ана Бунтеска: жал ми е

Добивај вести на Viber

жал ми е

за себе

тебе

стравот

болката

празниот кревет

неиспиената топла чоколада

телово негушнато

за лицето твое непогалено

Жал ми е

за љубовта наша ми е жал

мојата што доволна не е

твојата што неискажана остана

гласот што не ти го чув

моето премолчено „мхм“

погледите што не ни се сретнаа

здивот што не ни се измеша

за пропуштениот дожд

Жал ми е

за сета тежина во мене

сета немоќ во тебе

разминувањето по улици

зимата која во срцата ја носиме

твоите прсти во косава што не се

моите раце без твојата топлина

сите запретани желби

за зборовите што за спомен ќе останат

Жал ми е

за тебе ми е жал

за себе ми е жал

за децата во нас

за ноќите полни немир

за деновите во исчекување

за тоа што го испуштивме

за тоа што се загубивме

уште пред да се најдеме


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска