Ана Бунтеска: замисли како би било ако...

Добивај вести на Viber

има кожава петличиња

би се заплеткал меѓу нив

или би се уплашил да ги откопчаш?

а јас пак би стоела гола пред тебе

мирна, без ниту еден трепет на телото

со предизвикувачки поглед

и мал насмев на ќошот од усните

м?

што велиш?

би имал ли храброст да ме отплетлаш

и да ѕирнеш внатре што има

да видиш каков механизам штрака во градите

да ми ги допреш рецките на душава

да измазниш онаму рапаво кај што е

или

да има умов формула

би ја нашол ли или би ме оставил на раат?

би се радувал ли на секоја моја мисла

од кои и јас некогаш уплав имам

или би се тргнал не чепкајќи ми во главата

оставајќи да го знаеш само она што устава ми ломоти

да има начин

ете замисли да има начин да ме видиш целосно

како под микроскоп ставена

би се нафатил ли да ме проучиш

или би останал подалеку

на сигурно, на свое

земајќи го само она што ти го давам

знаеш, велат дека сите љубовници се едно

а сепак толку далеку еден од друг

небаре телата се одвоени од умовите

и водењето љубов е само рутина

а јас пак

јас сакам умот за тебе стриптиз да изведува

и полека да те заведува

под тебе да се извива

и гласно да воздивнува

еј

да имам корења и стебло

и крошни полни зеленила

би се нафатил ли со вода да ме полеваш

или книга да сум

би ме читал ли одново и од почеток

наоѓајќи нова смисла на секоја страница

еве замисли

замисли само јас твоето огледало да сум

би стоел ли секогаш пред мене

и без страв дали би се огледувал

наоѓајќи ме мене во твоите зеници

а во моите себе да се сместиш

замисли

само замисли како би било ти – јас да си

а јас – ти да бидам

би се сакал ли

би ме љубел ли

би нè чувал ли?

замисли

само замисли...


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска