Ана Бунтеска: Затвори ја вратата
Затвори ја вратата
на одење
Тивко и нечујно
Нежно и полека
Како да доаѓаш
Како да ќе останеш
Како никогаш да не ти паднало на ум
Да си заминеш со ниет да не се вратиш
Затвори ја вратата
Во миг кога нема да сум тука
За да ти ги гледам куферите
Прашувајќи се дали убаво си ги здиплил кошулите
Или само ги имаш напикано внатре
Истуткани како што само ти знаеш
Кога ти се брза некаде
Затвори ја вратата
Еве најди момент кога ќе сум во бањата
Или кога ќе се плеткам в кујна
Заборавајќи како и секогаш
Каде ми е омиленото тавче
Во кое ќе спремам појадок
Кој никој од нас не го јаде
Затвори ја вратата
И остави ги клучевите на масата
Без писмо со објаснување
Без да ми даваш надеж
Без утеха во неколку редови стокмена
Од која демек поарно ќе е
Или барем некое олеснување ќе ми донесе
Затвори ја вратата
Без да се завртиш
Оти и онака само во празна одаја ќе гледаш
Уредена по твој вкус
А сега посиромашна за неколку фотографии
Три-четири книги непрочитани
И полна тивок очај од кој се криеме
Затвори ја вратата
Без да се каеш
Без воопшто и да ти пролета мисла на сомнеж
Без да ми дадеш шанса
Да посакам да те премислам
Или да те замолам да останеш
Кога знаеш дека потајно и не сакам
Затвори ја вратата
Со исто толку љубов и грижа
Како кога ја отвори
Во едни други времиња
Во кои и обајцата среќни бевме
И кои ништо не ни можеа
Во кои ништо не ни недостасуваше
Затвори ја вратата
А јас на срцево клуч ќе му ставам
Но ширум прозорци ќе отворам
За нов воздух да влезе
Да се проветри нашата приказна
Во која поразени и херои нема
Туку само двајца кои повеќе не се љубат
За Женски Магазин, Ана Бунтеска