Ана Бунтеска: зборо’и без дела се к’о чо’ек без душа
Од зборо’и куќа се гради
секоја буква – цигла
и покрив сосе оџак од реченици
топло огниште и неколку одаи
та ко’ ќе ги разместиш зборо’ите
и за во одаите мебел ќе натокмиш
и ене збор по збор кревет
ламба за виделина да имаш
и плакар алиштата за да ги чуваш
во долниот дел новите
а во горниот оние за погреб шо се чуваат
од зборо’и, чупе, и планини се поместуваат
реки и езера се пресушуваат
мориња се препливаат
ама душата празна е ако зборо’ите шупливи се
како убав, стокмен чо’ек без чо’ештина во себе
та го гледаш накинџурен во скапа облека
со саат на раката ш’о свети
и коса замазнета, тазе избричен
ама шуплива душа
ништо во неа не останало
в уста да му викнеш, ехо во утробата му се слуша
од зборо’и, чупе, живот не се гради
ниту среќа можеш да исковаш
а и мирна не можеш да бидеш
оти зборо’и без дела се к’о чо’ек без душа
к’о небо без птици
и к’о вода без риби
и џабе куќата
оти таа без темел не ја бива
на првиот ветар само купишта ѓубре ќе останат
и пак угол гола надвор сама ќе си
зато’ варди се од луѓе кои ломотат
кои ветувања даваат уста за да си исплакнат
варди се од оние кои себе се величаат
и дека можат многу да сторат
а сиот живот во место стојат
оти таквите и тебе нозете во синџир ќе ми ти ги врзат
и нема да можеш да претнеш
ниту чекор напред, ниту назад да кинисаш
зато молчалив чо’ек да си најдеш
весел и здрав во умот
ама кој нема ѕвезди од небо да ти симнува
кој нема животот да ти го изарчи
зборувајќи ш’о сè за тебе ќе стори
најди си чо’ек шо ветувања нема да дава
а кој куќа од дела ќе ти стокми
и огништето топло и лете и зиме ќе го држи
кој ќе знаe оти зборот алтан е
и оти секој во себе и благослов и клетва носи
кој ќе знаe да те љуби и арно ко’ е
ама и ко’ лошото ќе дојдe
и чија прегратка утеха ќе ти бидe
кој нема да ти зборува колку те сака – туку ќе те сака
и нема да зборува колку ќе те чува – туку ќе те варди
од неуб’ото
најди чо’ек чиј збор корен има
и таквиот да го чуваш и љубиш
оти тој ќе останe и до тебе ќе седи
и ќе знаe како со тебе куќа да напра’и
од дела
од љубов
од крв и месо
од вистина и правдина
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска