Ана Бунтеска: Зборувај ми...
Зборувај ми...
без ред, без концепт во глава,
зборувај ми бесмислици,
раскажи ми приказна-заспивалка,
или подобро, опиши ми го небото,
облаците како врват по него,
за птиците и дождот,
еве, за дождовните капки зборувај ми,
испружи го јазикот,
кажи ми каков вкус имаат,
но не, не отворај чадор,
чадорите секогаш ја уништуваат магијата.
Зборувај ми...
за асфалтот кој ги впил нашите чекори,
за ќошот од старата куќа,
онаа во која тагата си ја закопав,
раскажи ми го најчудниот сон кој си го сонил,
нека е на долго и широко,
или кажи ми каков си бил како дете,
дали уште бараш чудовишта под креветот,
ги чуваш ли оловните војници во подрум,
зборувај ми за звукот на смеата што во глава ти звони,
но не, не зборувај ми лаги,
лагите секогаш ја уништуваат магијата.
Зборувај ми...
за звукот на лисјата кои паѓаат,
како ми шушка фустанот дур се обмотувам околу тебе,
дали на прсти ти тежи отпечатокот од моите усни,
зборувај ми за имињата за нашите чеда
кои никогаш нема да ги родам,
за староста која нема заедно да ја дочекаме,
за оваа болна љубов која наскоро ќе не’ раздели,
зборувај ми за себе без мене,
за мене, каква ќе сум без тебе,
но не, не зборувај ми со солзи во очите,
солзите секогаш ја уништуваат магијата.
Зборувај ми...
дур не заспијам шепоти ми,
дур во сонот раката не ти ја пуштам,
дур сите зборови во тебе не умрат,
дур во мене корења не пуштат,
дур телово не се смири,
дур душава со ќепенци не ја затворам,
дур ми врескаат клеткиве по тебе,
дур срцево ми чука небаре знае дека заминуваш,
само зборувај ми,
тивко, полека, со милост,
зборувај ми...
За Женски Магазин, Ана Бунтеска