Ана Бунтеска: Жена си
Одмори ја смртта од сопствените мисли
Носи фустани во светла боја
Стави лакирани чевли со високи потпетици
Вежбај го одот чекорејќи низ куќа
Држи ја главата горе и тогаш кога
Душата надолу телото ти го влече
Градите напред
Собери го стомакот
Гледај право
Смеј се на ништото пред себе
Жена си
Стегни ги забите дур те вие стомакот од бол
Не мора никој да знае дека имаш добиено
И нашминкај ги очите за да мислат
Оти ти светат од убајна а не од солзи
Косата спастри ја во фризерски салон
Ако се умира барем нека е со стил
И ноктите налакирај ги црвено
Во иста нијанса како карминот што ти е
Заедно со нежното руменило на образите
За кое ќе глумиш дека е од здравје
Жена си
Научи се да готвиш како оние од телевизорот
Постави ја трпезата во совршен ред
Иако некогаш ти иди само со еден елегантен потег
Чаршафот да го тргнеш како магионичар да си
И да го слушаш кршењето на тањирите
Кои ти се свадбен подарок од непознати роднини
Наточи вино во чаши наменети за вино
Нареди ги лажиците и вилушките
Онака како што си прочитала на интернет дека е
правилно
Сервирај ја супата жешка и десертот ладен
Жена си
Биди сопруга за пример пред светот
Биди нежна и пожртвувана мајка
Која ќе е достоинствена на родителскиот состанок
Биди љубовница на сопствениот маж
Не заборавај оти секогаш на ликот насмев треба да
носиш
И тогаш кога ти доаѓа на мажот да му ја врзеш една
Да се развикаш дека математиката нема од детето
човек да направи
А навечер да си легнеш во удобни пижами
Кои нема околу врат да ти се соберат до сабајле
За разлика од свилената ноќница која и онака не е
удобна
Жена си
Премолчи ги неправдите кои ти се нанесени
Биди мудра за да го добиеш она што го сакаш
Запомни оти мажот е глава на куќата
Ама дека ти си вратот кој главата ја врти
И сега дур ме читаш
Отерај се’ во мајчината сосе мене
Развикај се ако нешто не ти е по ќеф
Свилената ноќница стуткај ја за некои подобри
времиња
Затвори го учебникот по математика
И гушни го детето дур не ти свика оти премногу
стискаш
На оној до тебе кажи му дека го сакаш
Ама тоа не значи дека некогаш не би го задавила
Распушти ја косата и таква на работа појди
И наместо ручек однеси го семејството во кафеана
Биди она што си
Биди силна
Оти жена си