Ана Бунтеска: жив чо’ек не се закопува

Добивај вести на Viber

Не чини чо’ек неумрен да го закопаш

поарно лути му се

викај му дур’ не се истушиш

дур’ гласот не ми ти напукне

и удри го!!!

преку муцка плесни му една

ако толку лошо ти сторил

ама не закопувај го

немој

дур’ е жив и дур’ прета

дур нешто во душата за него ти шета

и кај срцето дур’ те боцка

не покривај го со земја

не закопувај го во себе

оти со него и ти вземи влегуваш

и преку гла’а ќе се запреташ

та оди воздух земи да те видам

и устата земја ќе ти се наполни

не пиле, немој

жив чо’ек не се закопува

а најмалку ако до умирачка си го љубел

поарно оста’и да ти остине љубовта

сама од себе да помине

и ако треба и години нека минат

остави кроце да се кренеш

без насила иљач да си бараш

оти иљач за луѓе нема

и за најтешката болест можеби може да се најде

ама иљач за луѓе никој никогаш не нашол

оти дур’ љубовта не ти остине надеж имаш

и срцето чука како сатот на рака што му чука

зато чо’ек никогаш насила не се закопува

оти со него и ти си заминуваш

срцето ќе ти се олади

душичката во магла ќе ми ти се завитка

секоја мисла тежина

секој збор планина

секој здив поболувачка

и секој ден умирачка

а никако да го заборавиш

и никако да здивнеш

та на сон ќе ти иде

и на јаве во други ќе го гледаш

ќе ми се мачиш, пиле

зато пцуј, викај, тепај

ама насила никого не закопувај

оти ниту еден ковчег не тежи појќе

од оној во кој среќата ќе си ја сместиш

и длабоко вземи ќе го пикнеш

ниту еден ковчег не тежи појќе

од оној во кој жива љубов ќе легнеш


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Александар Колев