Ана Бунтеска: Животот ме плаши...овој во кој те најдов, а те немам
На младост
од смртта се плашев
суетно
оти младоста дрска е
да се перчи сака
да не биде сопрена
да блеска
да трепка како љубовница
да ја префрла косата
со заводливо движење на раката
да се карминисува
трепките да ги бои
да чекори самуверено
небаре во одот е мудроста
небаре свежината за навек ќе и’ остане
а сега
сега се’ помалку од смртта ми е страв
животот ме плаши
овој во кој те најдов а те немам
кој умор ми носи
кој ликот прозирен ми го прави
како под кожава неонки да ми светат
а во очиве ѕвезди ми заспале
овој живот ме плаши
кој дланкиве со ветар ми ги полни
наместо со топлина од твоите
ме плаши телово што како поболено ми е
се топи
кревко станува и по тебе ми вие
сношти
ете сношти на дождот стоев
во ветар се сторив
и нагоре гледав
оти памтиш,
кога дождот лицето ќе ти го наврне
солзите не се познаваат
и ме плаши
животот ме плаши
овој, во кој конечно те најдов
и ваков...без тебе
дур во мене гориш
и болиш...од љубов и осама ме болиш.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски