Ана Бунтеска: Знам дека ме забораваш

Добивај вести на Viber

Не ме мислиш ко порано

Ете знам

Секогаш оној кој љубен бил

Знае кога го отсакуваат

Исто ко жената што ручек спрема

И умот кога тука не и’ е

Па ќе заборави да тури некоја мирудија

И јадењето навидум исто е

Ама пусто нешто во него недостасува

Та го прпелкаш низ устата

Јазикот ти ги лови вкусовите

И знаеш дека не е исто 

Ама сепак го голташ залакот

Со тескоба за која не знаеш од што е

Ете душо моја

Знам дека во мислите ти прелетувам

Ама не е ко порано

Кога секоја твоја дума за мене

Ми шеташе низ телово

И денот мирисаше на твојот копнеж по мене

Та и двајцата во дождот се давевме

За еден од друг се надишиме

Не 

Не ме мислиш ко порано

Кога зора и самрак ти бев

Кога ноќите имаа боја на вино црвено

Со влажни бакнежи и трепетливи скокоткања

Кога на сон ти идев

И во сонот тука ми беше

И кога двајцата со иста јанѕа од убост се будевме

Не е исто

Не е ко порано што беше

Кога ти беше јас

А јас во твоето ти бев густо извезена

Сега некако спијам без соништа

И знам дека далеку си

Дури и тогаш кога до мене седиш

И кога погледот ти го фаќам

Како низ мене гледа

И зборот како ти лебди

Без во мене да влези

Знам дека истиот не си

Дека иста никогаш не ќе бидам

И не ме боли што знам дека си заминал

Или дека си ме отсакал

Дека мислата некоја друга ти ја зема

И дека од мене те краде

Ме боли што устата врзана ти е

И што не се спакуваш 

Ме боли што збогум не ми кажуваш

И што само се залажувам дека надеж има

Љубов моја

Знам дека ме забораваш

И дека еден ден ќе треба да се подзамислиш

За на името мое да се присетиш

И ме боли

Ме боли што сила немам за оди си да ти речам

Пред сите сеќавања еден за друг да ги убиеме

И ни по арно да не се памтиме

Како никогаш еден за друг да не сме дишеле


За Женски Магазин, Ана Бунтеска