„Ангели ме носат“ за битолчани, „Ухвати ритам“ за скопјани: Кои градови организират новогодишни прослави?

Добивај вести на Viber

„Парни ваљак“ е градскиот новогодишен избор за дочекот на Новата година. Легендарниот хрватски бенд ќе одржи свој концерт на Плоштадот Македонија во понеделник по 22 часот. Аки Рахимовски, фронтменот на групата изјави дека му е мило што ќе пее во својот роден град. 

Неодамна, на прес конференција, од Град Скопје најавија дека предгрупа на „Парни ваљак“ ќе биде косовскиот ска-панк-рок бенд „Офкестра“. Тие својот настап ќе го почнат од 21 часот на 31 декември. 

Општина Прилеп, заедно со Скопје е една од ретките која годинава организира бесплатен дочек на Нова година на Плоштадот. Преку ден, од 11 часот ќе има детска новогодишна програма а од 21,30 часот прилепчани ќе ги забавува Нино Величковски со своите тамбураши. Следи настап на Гоце Чоки и Фортисимо Бенд, групата The Hounds и огномет и диџеи за крај.

Битолчани годинава ќе ја испратат со настап на дуото „Силви бенд“ кои на плоштадот „Магнолија“ ќе настапат од 22.15 часот. Претходно, атмосферата ќе ја загрева диџеј, а по „Силви бенд“ , битолската Нова година продолжува со групата “Боеми“ и стенд ап шоу на Марјан Ѓорѓиевски. 

Од 11.30 за најмладите ќе има новогодишна детска претстава и забава со детскиот фестивал „Тра ла ла“ во понеделник.

Поради ненадејната смрт на градоначалникот на Охрид, Јован стоајоски, во Охрид нема да има никаква новогодишна прослава. Забави не најавија ниту локалните власти на Струмица, Дојран, Кавадарци, Куманово... Општина Велес наместо новогодишни украси, календари и други промотивни материјали предвидените средства во буџетот ќе ги донира на 100 социјално најзагрозени семејства од Велес.

Речиси сите скопски ресторани организираат дочек на Нова година со стандардно мени или шведска маса и неограничени пијалоци, а цените се движат околу 2,000 денари. Дискотеките нудат дочеци по цени од 1.000 до 1.500 денари, а ретки се оние во кои наплатуваат само влезница со или без вклучен пијалок. Иако се малку, постојат и клубови во кои не се наплатува влезот, туку ќе работат на принцип-кој колку пие, толку плаќа. 

Оние кои вечерва ќе останат во домашна атмосфера, обично ги избираат денските забави по кафулињата или клубовите кои се поисплатливи.

М. Џаровска