Антониа Гиговска искрено за раскинувањето со Иван: Од него научив да сакам
Антониа Гиговска, откако по четири години ја прекина врската со нејзиниот колега Иван Јованов, вели дека изминатиов период поминала низ убави и лоши моменти, но сè уште искрено верува во љубовта.
За Женски магазин, Антониа раскажа за крајот на љубовта со Иван, но и за тоа што научила од него. Гиговска, која е еден од нашите најдобри женски вокали, вели дека со пејачот на „Либеро бенд“ е во одлични односи.
-Иван е човек кој што ме научил на многу работи, човек кој што многу ми помогнал и човек со кој сум пораснала и сум научила да сакам. Одлучивме да ставиме крај и не би сакала да зборувам повеќе за тоа затоа што не чувствувам потреба после сè и сешто што напишаа (секакви клевети и невистини) да зборувам јавно и да им овозможам насмевки на лицата. Затоа што само јас и Иван сме во тоа, никој друг. Ние сме во најдобри односи и мислам дека тука треба да се стави крај на приказната, му посакувам сè најубаво во животот“, ни изјави Антониа.
Изминатава година, таа вели дека ќе ја памети по убавите нешта и случувања, и не би сакала да надвладеат лошите, затоа што се забораваат со тек на време.
-Многу настапи, многу насмевки, многу солзи, многу убави и пријатни луѓе и многу музика. Она што ме исполнува мене лично и за она што живеам и дишам“, вели Гиговска.
-Периодов сум добра, поминав низ многу убави и лоши моменти па и од лошите и од добрите извлеков по нешто поучно. Затоа живееме и за тоа сме сите родени, секогаш ќе има нешто лошо и нешто добро, ама како викаат- секое лошо за добро е. Се трудам и максимално сум посветена на себе, да направам подобра верзија од себеси, и сум максимално внимателна во сè што правам, колку што можам и колку што ми дозволува искуството со луѓето и јавниот живот.“, вели Антониа.
Таа е оптимист и секогаш верува во љубовта, како што вели, понекогаш и премногу.
-Секогаш верувам и ќе верувам во љубов, можеби на почеток од било каква релација и премногу верувам и давам 100% од мене, но барем искрено го правам тоа и со цело срце. Што да правам, таква сум“, ни раскажа Антониа.
Освен настапите со кои е ангажирана, нејзини следни музички планови се нови песни, а дел од нив ќе бидат и на српски јазик, наменети за тамошниот пазар.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива