Беше мајка и татко во исто време и никогаш не се пожали: Отворено писмо на наша читателка

Од моментот кога се сеќавам за себе…малечка во домот на моите родители во катче кое е безбедно, опкружено со љубов и внимание, се сеќавам дека размислував за иднината, што ќе биде утре, што за неколку години…толку мала, а со толку длабоки размислувања. Во мене постоеше некој страв, страв од тоа што ќе ми донесе животот. Сега сфаќам дека тоа било големо претчувство за едно мало дете, предупредување дека животот е суров и трнлив. Моето навидум безгрижно катче се растури како кула од карти. Моите родители се разведоа. Тоа беше првиот животен удар. 

Мајка ми не порасна мене и сестра ми на начин на кој таа тоа најдобро го знаеше, впрочем како и секоја мајка која сама чекори во животот. Но во моментот кога станав мајка, комплетно ја разбрав и сфатив колку ѝ било тешко. Татко ми со кого имав близок однос додека растев, од денот на разводот никогаш не праша за мене, едноставно го снема… Растејќи, ја гледав мајка ми како напорно работи за да може сè да ни овозможи, работеше и по две работи, а дома се трудеше секогаш да има ручек и топла атмосфера, се трудеше да биде и мајка и татко во исто време. Никогаш не се пожали дека е уморна, никогаш не ја видов нетрпелива, нервозна, никогаш не ја видов да плаче…освен на денот кога ја напуштивме нашата куќа. Куќата во која се родив, куќата која таа ја изгради со сопствени раце. Таа вечер, тој ладен зимски ден во Декември ќе го паметам секогаш. По сув студ го напуштивме нашиот дом и отидовме привремено да живееме во стан кој ни го отстапи пријателка на мајка ми, на која вечно сум ѝ благодарна. Таа вечер кога влеговме во станот со куферите во рака, секоја со својот страв во себе што ни носи иднината, мајка ми се затвори во кујната и во тој момент пукна, толку многу плачеше, а денес ја разбирам и зошто. 

Тоа беше единствен пат да ја видам толку кревка и ранлива. Нејзиното животно мото стана и мое е „Утре е нов ден“. Можеби клише, но во тешки моменти многу ми помага. 

Отворено писмо на читателка за Женски Магазин