Бирам со кого ќе соработувам: Интервју со модниот дизајнер Папаз
Гламур, сензуална еротика, став, моќна порака, препознатливост, колекции создадени да провоцираат, е само дел од она кое не асоцира на брендот „Папаз“. На модната сцена Андреј Папаз Ѓоргиевски се наметна постепено, но направи бум, затоа што секоја негова креација е приказна сама за себе. Добро смислен концепт од самиот почеток на креирање на моделот, до оној крајниот производ без разлика дали се работи за модна ревија или фитингот на личноста за која е креиран.
Но Папаз, не е само име препознатливо во модните кругови. Тој чекори понатаму и ги освојува театарските сцени, но и публиката со моќните театарски костими. Па од таму не е ни чудно што токму познатите личности од телевизиските екрани, пејачите, актерките, актерите и слично, го бираат токму Папаз за нивниот стајлинг( или тој ги бира нив), познавајќи го каков перфекционист е кога се работи како некој треба да изгледа и да се појави некаде во негова креација. Секогаш задоволство да се соработува со него, а овојпат разговорот го водевме по повод 10 годишнината на неговата кариера, која овојпат ја одбележа со изложбата- „10 години PAPAZ“, помеѓу модата и театарот,во Центарот за култура во неговиот роден град Битола.
- Идејата за ваков тип на проект се донесе како одлука уште минатата година, по разговор со директорката на Центарот за Култура Битола, Маја Андоновска Илијевски. Главната цел беше да направиме еден моден настан во понетипично паковање. До сега мојата публика била навикната на големи ревии. Овој пат им понудивме поинтимно модно дружење. Изложбата се случи во вистински момент, на десет години од мојот прв работен ангажман. Во фоајето на Центарот за култура го сублимиравме еден мал дел од она што до сега го имам работено како моден дизајнер и костимограф, затоа и насловот на изложбата гласеше „Помеѓу модата и театарот”- вели дизајнерот.
* Колку ти значи поддршката од битолчани?
- Несомнено многу. И тоа отсекогаш било така. Каде и да имам настан, премиера, ревија, милите пријатели се тука и ме поддржуваат. Затоа и им должев настан во Битола.
* Какво е чувството да се презентираат моделите пред битолската публика (која мора да признаеме е публика со истанчен вкус и нема баш милост ако нешто не и се допаѓа), што тука тоа не е случај, посебно ако тргнеме од фактот што битолчанки, но и битолчани, уживаат носејќи ги твоите модели?
- Секогаш на моите настани имам битолска публика. Но навистина овој пат беше нешто поинаку. Се почуствував многу домашно и интимно. На настанот присуствуваа мои пријатели и соработници. Вечерта ми ја направија посебна.
* Да се вратиме на самите почетоци. Како започна цела таа модна приказна?
- Се започна од Моден викенд Скопје, каде под менторство на мојот професор Александар Ношпал, група на студенти се претставивме со креации на ревија организирана од страна на Пелистерка пред 10 години (во 2010 година). Десет години подоцна Ношпал е се уште тука, да менторира и да помага. Тој беше мојот специјален гостин кој ја отвори изложбата.
* Твоите модни колекции се како дел од театарска приказна. Комплетни креации заокружени со добро смислен концепт. Што најчесто те води при дизајнирањето?
- Концептот за мене како автор и уметник е најважен. Моето образование како моден дизајнер и не ми дозволува поинаку да пристапам кон смислувањето на колекција или костимиграфија. Идејата е само почетен импулс во дизајнерската работа, се потоа е темелно истражување, адаптирање, креирање.
* За кого се наменети твоите модели?
- За оние кои можат да си дозволат квалитетен домашен производ. „Стаклена менажерија“, „Кралски игри“, „Пиреј“, се само дел од претставите во кои костимографијата е дело на Папаз.
* Како изгледа процесот на креирање костими за театарски претстави?
- Веројатно тоа е еден за мене од најдобрите процеси пред се затоа што се работи тимски, многу голема екипа од различни сфери, а една заедничка идеја. Тука се слуша диригентот односно режисерот, а потоа секој нуди концепт и идеја и сето тоа се преслушува и адаптира на потребите за театарската претстава. Скицирање, одбирање на бои кои ќе преовладуваат во костимографијата, бирање на материјали, координација со сцениграфот, актерите, проби, долги разговори, функционалност на костимите на сцена. Сето тоа е како фабрика за создавање на магија.
* Покрај сето тоа ти си и стилист на познати македонски личности. Каков е предизвикот на тоа поле?
- Оваа професија нуди широк спектар на ангажмани и уметничко изразување, една од тие работи е и стилизирањето. Се радувам на ангажмани наменети за естрада, но исклучиво кога се работи екипно и со конкретен концепт. Бирам со кого ќе соработувам затоа што важно ми е крајниот целокупен продукт да е квалитетен.
* Сме разговарале повеќе пати , но еве повторно за нашите читатели-колку си задоволен од развојот на македонската модна сцена?
- Гледајќи ја големата слика, не сум задоволен.
* Модната критика твоите модели ги опишува како единствени, за жени кои знаат што сакаат во животот, со моќна порака. Подготвува ли Папаз нешто ново?
- За нови проекти во однос на функционирањето како моден дизајнер во ова време-невреме кое не снајде, не би најавувал ништо бидејќи не знаеме како работите ќе се придвижуваат.
Фотографии: Диоген Хаџи-Коста Милевски и приватна архива на Папаз
Неда Маретиќ