Богоев се ожени, Весна Бејби се вљуби: Свадбите и врските на познатите во 2018
Годинава што изминува беше успешна на љубовен план за повеќе домашни јавни личности. Издвоивме неколку интересни моменти од свадбите и љубовните приказни кои за Женски магазин ги споделија познатите.
Музичарот Мартин Вучиќ во јуни се ожени со неговата долгогодишна девојка Сања. Сликата со младоженците, прва на својот фејсбук профил ја објави Нора Шаќири, блиска пријателка на семејството Вучиќ. Свадбата се одржа во познат скопски ресторан со многу гости, главно музичари, пријатели на Мартин и на неговите родители Драган и Весна. Мартин и Сања се заедно повеќе од четири години.
Мартин Вучиќ со сопругата Сања
Откако во јуни направи црковна вечавка со неговата избраничка Ивана Анѓеловска пред најблиските роднини и пријатели во црквата Св. Пантелејмон, градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, во септември направи свадба на која присуствуваа бројни јавни личности.
Стефан ја запроси својата долгогодишна девојка во февруари годинава. За свечениот момент одбра симболичен датум - нејзиниот роденден. Тогаш, за „Женски Магазин“ ја раскажа својата љубовна приказна.
„Се запознавме пред скоро девет години. Пред тоа воопшто не се познававме. Од првиот момент имаше искра и почнавме интензивно да комуницираме. Почнавме и да се гледаме, беше убаво и да бидам искрен уште оттогаш имав претчувство дека ќе трае. Оттогаш, покрај љубовта станавме и најдобри другари, партнери. Споделуваме сѐ“, ни раскажа Богоев.
Стефан Богоев и Ивана Анѓелковска, во септември направија свадбена веселба на која присуствуваа бројни јавни личности
Пејачот Јоце Панов се ожени со Марина Нацевска, со која беше десет години во врска. По свадбената прослава за чија атмосфера се погрижи Благоја Грујовски, двојката замина на меден месец. Младиот брачен пар го одбра Миконос како дестинација за одмор.
Јоце Панов се ожени по десет години врска
„Денеска е мојот последен ден како госпоѓица Јанева“, ни изјави пејачката Нина Јанева, која на 19 октомври се омажи за Александар Николовски.
„Симболично го избравме токму 19 октомври, затоа што и двајцата сме родени на 19, јас во јуни, а тој на 19 август“. Денеска само се регистриравме и организиравме вечера за најблиските. Следната пролет или лето, планираме поголема забава за повеќе пријатели, на некоја убава локација на отворено. Можеби ќе изнајмиме куќа, но има време до тогаш“, ни раскажа Нина. Таа на венчавката облече црна шик креација, комбинезон.
Нина Јанева и Александар
Годинава се омажи и поп-пејачката Симона Поповска, за својот долгогодишен дечко, бизнисменот Крис Поповски. Свадбата беше во јуни, а Симона носеше дводелен невестински фустан.
Пејачкака Симона Попоска и нејзиниот сопруг Крис
Актерката Весна Бејби Петрушевска пред неколку дена за прв пат објави фотографија од дечкото Зоран. Претходно, Весна изјави дека е во врска околу два месеци.
Весна Бејби пред неколку дена за прв пат објави фотографија од дечкото Зоран
Бејби во порака само кусо ни потврди дека тоа е нејзиниот нов партнер, и оти се среќни заедно, но не раскажа повеќе детали. Во претходно интервју за Женски магазин, Весна раскажа дека не верува во љубовта како порано, но сепак, очекува да ѝ се случи.
М.Џаровска