Да ме праша некој од што се плашам, би рекла облека

Да ме праша некој од што се плашам, би рекла, облека...

Купишта испрани алишта чекаат да бидат испеглани. Го чекаат моето слободно време да ги испеглам и да ги ставам во плакар. Со раѓањето на првото, а допрва и второ дете, таа количина алишта за перење, пеглање и превиткување ги надмина сите граници на нормалност и се претвори во огромен предизвик. Едно време бев толку професионална што помислив да отворам перална за облека.

Мојот сопруг ми предложи да купам пластични вили со кои можам да ги ширам алиштата низ станот додека чекаат да се испеглаат. Демнат и напаѓаат од сите страни, од корпата - валкани, од жица - чисти, покрај даската - за редење... изгледа никогаш нема да дојде крај и сѐ така додека живеам. Еден ден ѝ реков на пеглата - Не!

Нема повеќе да се дружиме во слободното време! Ниту си моја другарка, ниту сестра ми, чао! И воздивнав.

Конечно мирисот на слободата... една обврска помалку во недела... и за чудо сите во куќата се живи, здрави, малку збрчкани (се гледа кога добро ќе погледнете), но среќни затоа што во недела мама веќе не ја прави најважната работа на светот - пеглање.