Данко и Tихана Димитровски: Отидовме на одмор на Малдиви, принудно останавме 70 дена поради короната, се вративме со бебе

Добивај вести на Viber

Малдиви - сончевата страна на животот. Тоа е промо-фразата на оваа островска земја во Индискиот океан, која важи за една од најпосакуваните светски дестинации за одмор. Многумина ќе се сложат дека тоа е идеално место за меден месец и романтични дружења, поради преубавите песочни плажи, азурното сино море и куќичките на вода.

Малдивите била посакувана дестинација и за Данко и Тихана Димитровски, кои се љубители на авантури и патувања на егзотични места. Данко, по потекло е од Македонија, а живее во Белград. Патувањето го планирале уште во септември 2019 година. Резервирале куќа на еден од тамошните острови и купиле билети. Ни во најлудото сценарио, не можеле да претпостават дека поради ширењето на Ковид 19, ова ќе им биде најдолгиот одмор во својот живот. Биле принудени да останат 70 дена. Најтешко им било што дома ги чекале шестгодишната ќерка и две годишниот син. Сепак, успеале да ги израдуваат децата со најубавиот подарок од Малдивите – бебе кое ќе се роди на почетокот на декември.

-Отидовме на Малдиви на 13 март и требаше да се вратиме на 28 март.

По неколку дена од нашето пристигнување, сфативме дека во Србија се воведува вонредна состојба, поради ширењето на епидемијата со Ковид 19, како и во многу земји низ светот и дека летовите на сите авиокомпании брзо се откажуваат. Секојдневно за сè се информиравме преку интернет, најчесто од медиумите од Србија, како и од авиокомпанијата со која пристигнавме на островот. Ја известивме Амбасадата на Србија во Њу Делхи дека сме на Малдиви, за да ни кажат кои чекори да ги преземеме – вели Димитровски.

Не сместија на „корона остров“

Во следните неколку недели имало чести откажувања на авионски билети ширум светот и опциите за враќање полека, но сигурно кај нив исчезнувале.

- Најтешкиот дел беше тоа што немавме датум за враќање. Ништо не се знаеше. Секоја најава за можен лет, ни даваше надеж дека можеби тоа ќе биде нашиот за враќање дома. Неколку пати ни го отажуваа или добивавме информација дека тоа е „спасувачки лет“ на некои земји за нивните граѓани или за патниците од членките на Европската Унија. Ние не можеме да се качиме во тој авион – посочува тој.

По истекот на 14 дена во ресортот каде што претходно уплатиле, морале да бараат ново решение.

- На ова патување со нас беа уште шест наши пријатели. Изнајмивме куќа на плажа, и таму престојувавме околу два месеци. Островот е интересен. До неодамна таму живеело само локалното население. Во последните неколку години се изградени и неколку помали хотели. После се префрливме на друг остров и таму останавме уште две недели. Вториот остров беше многу поубав, бидејќи целиот е претворен во приватен ресорт и е многу подобро уреден. Државата Малдиви одреди во тој ресорт да престојуваат луѓето кои останале „заглавени“ на Малдиви и оние со помалку пари, додека не се појави можност да се вратат во нивните земји. Среќа што понесовме повеќе пари. Од друга, сопственикот на куќата каде што се сместивме реши да ја спушти цената на престојот на половина и ни даде дозвола да останеме додека не се реши ситуацијата. Други туристи повеќне доаѓаа, бидејќи Владата на Малдиви ја затвори границата – појаснува Тихана.

Патувавме до дома 50 часа

Деновите минувале, но многу полека. Имале чувство како да се таму цела вечност. Секој ден оделе на плажа, се дружеле со нивните пријатели од Белград со кои зтргнале на одмор. Но, со мислите биле во Белград, каде што ги чекале четири годишната ќерка и две годишниот син.

-Постојано мислевме на децата и тоа нè мачеше. Многу тешко ги поднесувавме видео повиците со нив. Не знаевме конкретно да им кажеме кога ќе се вратиме. Не можевме да им објасниме која е причината зошто не си доаѓаме дома. Повеќето луѓе успеаа да се вратат во својата земја, во последен момент, пред да се донесе одлуката сите авио компании да не испраќаат авиони на Малдивите. Секако, немаше и потреба. На нашиот остров останаа само 14 туристи од различни земји и ние осумина од Белград. Спонтано се наметна да се дружиме сите. Бевме во иста приказна, имавме слични теми и коментиравме разни решенија за враќање во Европа или барем на Блискиот Исток – посочува Тихана.

Точно по 70 дена, успеале со посредство на четири земји, нивните дипломатии и максималното ангажирање на одредени луѓе во Белград, да се качат на еден од спасувачките летови на авиокомпанијата „Шри Ланка Ерлајнс“ и да се вратат во Белград.

- Прво стигнавме во Шри Ланка, потоа во Лондон,и на крај во Софија. Од таму со минибус тргнавме за Белград. Патувањето траеше околу 50 часови, поради трансферите и чекањето на аеродромите. Но, навистина не ни беше никаков проблем да се жртвуваме малку, само конечно да се вратиме дома – ја завршува приказната Димитровски.

Данко со семејството често доаѓа во Македонија да ги посети своите роднини и пријатели. Татко му по потекло е од Кичево, а мајка му од Крива Паланка. На прашањето дали повторно би се вратил на Малдиви, одговара потврдно.

-Дефинитивно би се вратил еден ден, но овој пат со децата. Никако поинаку. Малдивите се рај на земјата.Треба да ги видите и доживеете.

Најубавото нешто што се случи во таа „мала неволја“ е бебето што го донесовме од островот, кое ќе се роди на почетокот на декември. Нашите деца, се радуваат што ќе добијат една мала сестричка, како најголем подарок од Малдивите – потенцира среќниот татко.

- Соња Алексоска Неделковска