Дарко Лешоски: Моментот или мигот на галење...

Добивај вести на Viber

Еден поинаков концепт на поетот и сестран уметник Дарко Лешоски специјално за Женски магазин. Преку медиум- видео форма ги растура своите мисли- всушност „чудни“, необични зборови од секој светски јазик кои имаат длабоко значење, а тој се надоврзува на суштината на зборот со одлична нарација, умствена „гимнастика“ и визуелен опис.

„Cafune“ - (глагол) – потекло:Бразилско -Португалски јазик: Кафуне е моментот или мигот на галење или нежно поминување, милување со прстите низ косата на саканата личност.

Кога е дење тато?

Кога не гледа мајка ти сине!

И кога е темно?!

И кога е темно... ако не гледа мајка ти - пак е дење!

Кога е лето тато?

Кога се смее мајка ти сине!

И ако е ладно?

И ако е ладно сине, кога се смее мајка ти - за нас лето е!

А мама знае кога е дење и кога е лето тато?

Не! И не и кажуваме - само ја и ти знаеме! Ајде убаво да спиеш!

Ти нема да знаеш кога е дење и кога е лето...

Ти нема потреба никогаш тоа да го дознаеш.

Навечер легнувам покрај замислено проѕирно детенце - сениште. Дете за кое сум сигурен дека е твое, ама ти сеуште не знаеш.

Му кажувам кога е дење, кога е лето, како мириса коса која во себе чува море, како звучи кога Бог плаче, како изгледа девојка која се инати ко магаре, колку е меко од папагалче меше скоро колку рачето твое на образ кај мене, како мириса коса која во себе чува море ама па...

Ама па ти нема потреба па све баш да знаеш...