Дарко Лешоски: Парализирачка болка

Добивај вести на Viber

Еден поинаков концепт на поетот и сестран уметник Дарко Лешоски специјално за Женски магазин. Преку медиум- видео форма ги растура своите мисли- всушност „чудни“, необични зборови од секој светски јазик кои имаат длабоко значење, а тој се надоврзува на суштината на зборот со одлична нарација, умствена „гимнастика“ и визуелен опис.

„Тоска“, именка, потекло: Руски јазик. 

Според  Владимир Набоков „Ниту еден збор во англискиот јазик  не ги прикажува сите нијанси на руската „тоска“. Во својата најдлабока смисла  тоа е чувство на голема духовна болка, најчесто без некоја конкретна причина. Парализирачка болка. На помалку пак морбидни нивоа, тоа е тапа душевна болка, копнеж по кој нема за што да копнееме, битка за сите изгубени битки, најболна болка, нејасен немир кој ни го помрачува умот, ментални маки, копнеж исполнет со празнина. Во одредени случаи тоа може да биде желба за некого или за нешто специфично, носталгија, љубовна болест. На најниско ниво е позната пак и се  оценува како „еннуи“ - досада, меланхолија од досада.

„...почна на душава моја како дупче од жар од цигара на бела маица.

А јас ја ширев со прст дупката.

Си ја черечев со темнина и кажи прст раната.

Стравот раснеше во мене како црнилото над небо, се ширеше секој ден негде у пизду материна како вселената.

Кај истекува? Кај оди од човека радоста кога венее? Во што ја претвора тој страв? Та и мачките имаат милост. Оставаат по некое ковче колку за спомен од рибата која ја изеле.

А ја си ја искинав душата ја како маица.

И сега ми студи.

Ми студи мене без душа

А ти штом ме виде дека сум гол 

Не ме гушна.

Не ме гушна.

Ти мене не ме гушна.

Нит сакам јас нешто човечко нит се надевам оттогаш.

Нит од смрт се плашам.

Ами ја само на ѓаволот се надевам.

На ѓаволот се надевам јас.

На ѓаволот на кој душата му ја продадов за да престанам да се плашам дека ќе те изгубам.

Му погледнав во зеницата.

Кога ќе ти стане раната доволно длабока да можеш да нурнеш во неа ти нема да се плашиш дали животот ќе те удави навистина.

Ти беше најубавото нешто кое ми се случило мене, а јас повеќе од ништо на светов не се плашам, штом тебе те немам."