Дарко Велков: Преку виртуелниот саем за вработување ги отвараме границите
Почнувајќи од само 3 вработени, денес тимот на Вработување.ком брои над 40 вработени, на чело со основачот и директор Дарко Велков.
Креирана од лична приказна, а создадена со цел транспарентност, поголем избор и поголема достапност на работните места за сите работобаратели Вработување.ком е основана во 2003-та година на 6-ти јуни, првично како онлајн портал, а потоа и како приватна агенција за посредување при вработување, за денес да биде најпосетуван портал за вработување со преку 500 огласи секој ден и компанија која нуди комплетни решенија за сите недоумици во однос на управувањето со човечки ресурси. Уште на самиот почеток, а и денес, визијата на компанијата е да нуди целосно бесплатна услуга за сите кои бараат работа: бесплатна регистрација, бесплатно креирање на CV и, најважно, многу можности за вработување.
Годинава по вторпат, од 7-ми до 14-ти октомври, Вработување.ком е дел од Регионален Виртуелен саем за вработување, за чии детали разговараме токму со Велков.
* Од каде се јави првично идејата за организирање (вклучување кон) на ваков Регионален саем за вработување?
- Вработување.ком од пред две години е дел од групацијата Алма Кариера www.almacareer.com , најголемата берза на труд во Европа и како дел од оваа мрежа заедно сo сите останати вакви сајтови од регионот ( mojPosao.ba, Moj Posao Hrvatska, Deloglasnik Slovenija, Infostud Srbija) се приклучивме на нивната платформа која значи и еднаш годишно организирање на Виртуелен саем за вработување. До лани секоја од земјите, Босна, Србија , Хрватска, Словенија и Македонија го организираа самостојно, од оваа година саемот станувa Регионален и чест и задоволство ни е да го претставиме пред нашата „публика“. Тоа значи дека со кликање нa www.regionalensaemzavrabotuvanje.com од било кое место на земјинава топка влегувате на штандовите на компаниите кои имаат слободни работни места. Можеби се наоѓате во Германија на пример па сакате да си се вратите поблизу до дома или дома во Македонија па преку само една веб страница можете да видите кој во регионов има слободно работно место.
Саемот е замислен како и оној класичниот невиртуелен. Со посебни простории, со „луѓе“, со уреден простор. И во живо човек т.е претставник на компанијата кој ќе ве пречека и ќе поразговара со вас. Значи се е исто како и со физичко присуство само што сега си седите пред вашиот компјутер и виртуелно, одите во Србија на пример да видите што ќе ви понуди Икеа ..или пак сакате да аплицирате за работа во Спар во Хрватска..
* Какви се впечатоците од минатата година?
- Впечатоците од двете страни се одлични. Сите се свесни колку полесно се организира еден саем или обратно колку полесно се реагира по добиена информација за квалитетно работно место. Замислете дека оваа недела можат да дојдат 400 000 илјади луѓе на едно место. Скоро е невозможно веќе тие бројки да бидат постигнати во реалниот свет. Ова станува сегашност и иднина и единствена опција која сегашните генерации ја прифаќаат. Ланската година нам како вработување.ком ни беше првпат и сите беа некако несигурни дали ние ке ја продолжиме традицијата. Но сите партнерски земји цврсто стојат во таа посветеност и затоа секоја година се зголемува бројот на држави. За следната сум сигурен дека ќе има нови .
Минатата година овој саем оствари над 300.000 посети и 27.000 апликации, а своите можности за вработување ги претставија над 80 компании.
* Дали имате позитивни искуства со лица кои нашле работа преку саемот и се супер задоволни?
- Ние како организатори информациите за лицата кои се вработени ги добиваме индиректно преку изложувачите, а нивните сведоштва кои се наоѓаат на страницата доволно зборуваат за тоа дека оваа платформа и те како им помогнала да дојдат до идеалните кандидати и тие да станат дел од нивното компаниско семејство.
Еве некои од нив:
- Маркарт: Фидбекот беше многу позитивен и добивме голем број на нови кандидати подготвени да станат дел од компанијата.
- Нелт :Виртуелниот саем ни овозможи да се доближиме до квалитетни кандидати за работа преку презентација на основните корпоративни вредности на Нелт, а тие се: долгорочна перспектива, иновативност, лична одговорност, грижа за луѓе и победнички менталитет
* Како всушност работобарачите треба да се подготват?
- Убавината во виртуелно организираните настани е тоа што подготовките траат многу кратко.. Буквално во три чекори!
Значи ние имаме готова платформа, со одредени насоки и правила по кои треба да се држат компаниите за да ги внесат сите податоци, да го постават штандот, да го уредат просторот и да бидат достапни за прашања и интервјуа за време на саемот. Значи еден штанд може да биде подготвен за најмногу еден час.
Кога би зборувале за физички, а не виртуелен саем, знаете дека тука има еден куп додатни работи, прво обезбедување простор, па уредување на простсор, па носење мебел, па принтање матријали и сл... Значи неколкудневна подготовка... А овде на виртуелниот саем се е полесно и се веќе подготвено. Ние како вработување.ком апсолутно сме техничка поддршка на нашите клиенти и тука сме да ги направиме штандовите на учесниците најдобро за тие го добијат својот максимум во однос на претставување на својот бренд. Но секако како и на оние „нормалните“ саеми постојат различни категории на штандови во зависнот од тоа кои се побарувањата на клиентите.
* Кои привлечни работодавачи ќе може да ги видиме на саемот?
- Од нашите тука се: Алкалоид, НЛБ Тутунска Банка, Телеком, А1, Кроација осигурување, Телеперформанс, Бреон, Дата Мастерс...
Од регионалните тука се: Икеа, Спар, Лек, ЈИСК, Бош, Спар Неопланта, има понудувач и за работа во Австрија, Меркатор.
* Дали годинава има помал или пак поголем одзив со оглед на панедмијата на коронавирус?
- Дефинитивно имаме поголем одзив од компаниите, а сето тоа е заради пороцесот на онлајн активности кон кои веќе сите се стремиме одржувајќи ја онаа социјална дистанца. Физичките саеми стануваат се поретки, границите се затворени за патување, интервјуата за работа се почесто се прават онлајн, па ќе констатирам дека ова е иднината во процесот на барање работа.
Замислете 8 дена можете да си шетате од штанд на штанд од Словенија до Србија па назад низ Хрватска до Босна , без маска, без превозно средство и да одберете во која компанија ќе аплицирате.
Фантастично зарем не?
Постоењето на ваквите платформи од друга страна ја гарантираат заштитата на работобарателите, тука мислам на гаранцијата дека сите компании кои се наоѓаат на саемот се сериозни компании кои нудат вистински не фиктивни работни места. Со тоа работобарателите можат да бидат мирни и спокојни во однос на нивните апликации, повици за интервју или понуди за работа.
За да го посетите саемот не е потребна претходна регистрација. Сè што треба да направите е од 7-ми до 14-ти октомври да ја посетите веб страната www.regionalensaemzavrabotuvanje.com , да изберете просторија каде што изложува вашиот работодавач и да се втурнете во потрага по вашата работа од соништата. Да, толку е лесно и едноставно!
* Што според вас е клучот на успехот?
- Клучот за успехот во пронаоѓањето на вистински вработен е во себе брендирањето. Секој работодавач е должен да понуди добро „спакувано“ работно место кое ќе го привлече вистинскиот кандидат. Знаете не е исто да понудите работа возач на пример и возач со платени екстра часови на работа. Овде сакам да нагласам дека е неминовно огласите да содржат што е можно поконкретни и појасни потребни квалификации, но најважно да се биде јасен во тоа што се очекува од вработениот и што вработениот ќе добие од тоа работно место.
Многу е важно посебно кај повисоките работни позиции каде нема доволно искусен кадар и треба да се преземе од друга компанија, да се направи вистински оглас и вистински ( Employer branding ) „емплоуер брендинг“ за да потенцијалниот кандидат посака да си замине од сегашното работно место и дојде во вашата компанија.
Апелирам до компаниите освен што одлично си ја работат својата работа во брендирањето на своите производи кои ги продаваат, да се посветат и на себе брендирање односно да се посветат на „емплоуер брендигот“. Бидејќи нашето истражување вели дека најголемите бренд амасадори се токму вработените во компанијата, и тие се оние кои пренесуваат добра или лоша слика за компанијата.
Д.Караташова Илиоска