Диџеј Галоски за убавините на Токио, Јапонија: Младите ги почитуваат постарите и луѓето на власт - слушаат електронска музика и таа игра значајна улога во нивната култура
Александар Галоски, на електронската музичка сцена познат како диџеј Галоски (32), благодарение на напорната работа и успесите на музичките изданија кои доживуваат интернационална поддршка, имал можност да патува и да посетаи многу земји во светот. Ја запознал нивната култура, начинот на живеење и размислување. Лани, двапати го посетил Токио, еден од неговите омилени градови.
Љубов кон диџејството и електронската музика покажал од дете. Имал околу 15 години кога првпат настапил, а две години подоцна го промовирал и првото официјално издание.
- Посебен впечаток ми остави фактот што младите луѓе во Јапонија активно слушаат електронска музика и таа игра значајна улога во нивната култура. Јапонија е дом на богата и разновидна музичка сцена која вклучува жанрови како J-Pop, рок, хип-хоп и се разбира електронска музика. Електронската музика често се слуша во клубови и на фестивали, каде младите луѓе се собираат за да уживаат во најновите хитови вели тој и посочува дека секое патување низ светот му нуди поинакво доживување и животни лекции.
- Но, едни од омилените лекции ми се тие од Јапонија. Животот во оваа земја се карактеризира со силна ценетост на социјална хармонија и потребите на групата, како и со почит кон постарите и авторитетите. Постои силен нагласок на почит кон постарите и лицата на власт. Ова е видливо во бизнисот, семејството и социјалните структури.
Културата на Јапонија е позната по својот силен акцент на дисциплина и лојалност, вредности кои се длабоко вкоренети во социјалните и професионалните опкружувања. Дисциплината се манифестира преку внимателност кон деталите и посветеност кон високи стандарди во секој аспект од животот, од образованието до работното место – открива Галоски.
Посетил повеќе локации ширум Токио како на пример, Кулата позната како Tokyo Tower која е една од најпрепознатливите симболи на градот и Јапонија. Инспирирана од Ајфеловата кула, често може да се види на било која снимка, филм или репортажа поврзана со Токио или Јапонија.
- Една од најпознатите раскрсници во светот, тоа е Shibuya Crossing, симбол на брзината и енергијата на модерниот начин на живот во Јапонија, популарна дестинација за туристи кои сакаат да ја доживеат динамиката на градскиот живот во Токио и често се појавува во филмови и медиуми како икона на урбаната Јапонија. Истот така бев и во Meiji Jingu, едно од најпочитуваните и посетувани шинто светилишта во Јапонија, наоѓајќи се во срцето на Токио. Посветено на императорот Меиџи и императрицата Шокен, светилиштето е оаза на мир во средина на градскиот метеж. Опкружено со пространа шума, која самите граѓани ја засадиле, Meiji Jingu е популарно место за релаксација и духовно обновување. Вистински симбол на традиционалната јапонска култура и историја, пружајќи уникатен увид во шинто верувањата и практиките – посочува диџејот кој големи импресии има и од посетата на Бангкок, Тајланд.
С.А.Н