Додека го играв најтешкиот натпревар во Јапонија, сопругата се пораѓаше во Скопје: Семејната приказна на Никола Ѓоргиев, капитен на македонската одбојкарска репрезентација

Добивај вести на Viber

Борбен и храбар на теренот. Едноставен, срдечен и добронамерен надвор од него. Тоа е Никола Ѓоргиев, капитенот на македонската одбојкарска репрезентација. Роден е на 23 јули 1988 година во Струмица. Во својата богата кариера настапувал во повеќе европски клубови. Во 2015 година прогласен е за најдобар надворешен играч во Европска лига. Со него како капитен, одбојкарската репрезентација на Македонија двапати по ред успеа да се квалификува на Европско првенство во одбојка.

Моментно го носи дресот на Инегол Беледиеспор од Инегол, Турција, каде што живее со својата сопруга Данче и две годишната ќерка Марија. Поради пандемијата, клубот на своите играчи им забранил да излегуваат и да ги посетуваат околните места. Вели, дека сепак живеат убаво. Во слога и љубов, а насмевката не се симнува од нивните лица.

* По големиот успех, втор пласман на Европското првенство во одбојка, се вративте во Турција и се посветивте на ангажманите во клубот. Како ви изгледа едно секојдневие? 

- По историскиот пласман на Европското првенство следниот ден, во недела во 9 часот сопругата и ќерка ми дојдоа на аеродромот во Скопје и отидовме за Турција. Едно секојдневие ми изгледа вака: станувам во 9 часот, појадувам и првиот тренинг ми е веќе во 10 часот. Добро е што салата во која што тренираме е на само три минути пешачење од мојот дом. Подоцна имаме заеднички ручек на целата екипа во клубот. Потоа доаѓам дома, одамарам, се дружам со сопругата и со ќерка ми и во 16.30 часот одам на втор тренинг, кој трае од 17 до 19.30 часот.Вечерта ми е резервирана за масажи, третмани, гледање видеа, во зависност колку е блиску следниот натпревар.

ВО ЈАПОНИЈА СОНОТ МИ СТАНА РЕАЛНОСТ

* Вашата професионална кариера е поврзана со менување на клубови од различни европски земји. Претходно живеевте во Германија, а сега во Турција. Ако се направи паралела, каде ви е поубаво. Или кои се предностите, а кои се маните на животот во овие две сосема различни земји, пред сѐ во однос на менталитетот на народот? Какви услови нуди градот во кој живеете? 

- Дефинитивно овде во Турција ми е поубаво, бидејќи љубител сум на потопла земја. Временската прогноза ми е многу битна. Во Германија професионализмот е на највисоко ниво, така што нема ни излегувања ни дружби. Буквално животот ми се одвиваше на релација тренинг - дома, тренинг – дома. Мојата сопруга и ќерка ми не добија виза. Односно за неа требаше да чекаме до јуни, а нашата сезона завршуваше во април. Нон-стоп бев сам, без моите најмили, времето беше многу ладно. Ми беше многу тешко. Додека за Турција веднаш, уште на лето го решивме прашањето со виза и заедно дојдовме. Овде сме веќе пшет месеци. Многу ми се допаѓа што е топла земја, што луѓето имаат поблизок менталитет до нашиот. Прекрасни луѓе, прекрасно јадење. Морам да кажам дека овде има најубаво јадење од сите земји во кои што сум играл. Лигата е феноменална. Многу посилна е за разлика од лигата во Германија. Многу понатпреварувачка, многу поконкурентна. Има 16 екипи, секој секого може да победи и буквално уживам. Единствено ме кочи пандемијата, поради која не можеме воопшто да излеземе и да се прошетаме. Да ги ги видиме убавините на овој дел на Турција. Ние живееме во Инегол, и оддалечени сме час и половина од Истанбул, а 40 километри од Бурса. Но, во моментов најбитно од сѐ е да останеме здрави и живи, па подоцна ќе има време да шетаме и да ги гледаме убавините на Турција. Инегол е мал, мирен и спокоен град, нешто налик на мојата Струмица. Околу него има планини, на кои понекогаш правиме скара, за да се изолираме комплетно цела екипа. За да бидеме сами. Во градот има голем трговски центар, но, буквално може да се изброи на прсти колку пати сум отишол таму во текот на овие шест месеци. Сѐ ми се сведува на сала, теретана и трениг сала. Тие три места и дома. Така ќе биде до крајот на март, кога ќе заврши сезоната. Нема време за дружби, поради пандемијата сѐ е стопирано.

* Кои спомени би ги издвоиле од Осака, Јапонија каде игравте и живеевте неколку години?

-  Јапонија е една прекрасна земја, една од најубавите во кои што сум бил. Оттаму носам прекрасни спомени за цел живот. Осака како град е фасцинантен, преубав. Мене ми остана во срцето. Морам да кажам дека Осака, Токио, Кјото, Хирошима, ми се во срцето. И денес со радост ги гледам фотографиите од таму и се потсетувам на преубавите работи. Фасциниран сум од нивната култура, од нивната точност, од нивните искрени насмевки и зборови и бувално ми недостасува. Со мојата сопруга правевме муабет дека кога децата малку ќе потпораснат, здравје Боже, сигурно ќе ги носиме на една тура во Јапонија минимум еден месец. И тоа е премалку за да се види целата убавина на Јапонија. Секој ден беше некое ново чудо. Секој слободен ден истражував нови моменти. Осака е огромен град а во него е  сѐ толку брзо и толку убаво, поврзано со брзи возови. Таму сонот ми стана реалност, бидејќи беше едно од моите најубави искуства. И кога имавме два-три слободни денови бев насреќниот човек на цел свет.

НА СОПРУГАТА И ПОНУДИВ БРАК ВО ПАРИЗ

Животот на секој спортист не е лесен, исполнет е со постојани тренинзи и патувања, отсуства на подолг период поради подготовки, строг режим на исхрана и однесување. Како со овие предизвици во професијата се соочува вашата сопруга?

- Морам многу да ја пофалам мојата сопруга, бидејќи многу ми е посветена. Беше малку полесно додека бевме двајца, а сега со нашата ќерка Марија е многу потешко. Меѓутоа, сѐ е во организацијата и сѐ е во договор помеѓу нас двајца. Кога таа ми приготвува здрава и вкусна храна, бидејќи сум професионален спортист и мора да се хранам здраво, јас ја чувам Марија. А кога сум на тренинг, таа е со нашата ќерка. Од таа страна немам што да се пожалам и морам ептен да ја пофалам мојата сопруга, бидејќи навистина ме чува и се грижи за мене. Според моите резултати и моите успеси видливо е дека одлично сум физички подготвен, а сето тоа се должи многу и на добрата исхрана. Сигурно дека нејзе не ѝ е лесно, и дека ѝ е тешко, меѓутоа со добра организација и добар договор се излегува на површина. Засега тоа го прави одлично и се надевам дека во преостаните години од мојата кариера ќе продолжи со исто темпо, за да можам да постигнам што поголеми успеси и да бидеме сите горди кога ќе ја завршам кариерата.

* Немојте да престанете да се смеете, дури и кога сте тажни, зашто некој може да се вљуби и во вашата насмевка, запишал Габриел Гарсија Маркез. Со што ве освои Данче, дали тоа можеби беше нејзината насмевка?

- Првпат некој ме прашува со што ме освои мојата сопруга. Доста размислував со што и дефинитивно со нејзината насмевка, нејзината искреност, нејзината добрина и долгите разговори кои заедно ги водевме и сфативме дека сме буквално на исто рамниште, на исто ниво. И тогаш двајцата знаевме дека сме еден за друг. И сега дефинитивно насмевката не слегнува од нашите лица. Еве веќе пет години сме во брак, а уште малку ќе направиме девет години како сме во врска. 

* На кој начин ѝ понудивте брак?

- По завршувањето на сезоната во Франција, отидовме во Кан, Ница и Монако. Го спремив прстенот и мислев да и понудам брак во некој од тие градови. Меѓутоа, се премислив. Париз е мојот омилен град , а јас цела година го поминав таму. Исто така во овој град првпат почнавме да живееме заедно како момче и девојка. Кога се вративме во Париз, на 17 мај, нашиот последен ден во градот, го посетивме Дизниленд, а потоа отидовме на ручек во ресторанот Ladure Paris на Шанзелизе. Тука ја побарав за жена. Таа прифати и еве нѐ денес заедно, семејство Ѓоргиеви, пет ипол години здрави и живи, со едно дете и се надеваме на што поголемо семејство.

* Најголем заштитник на бракот е љубовта, а взаемното почитување -најдоверливиот пријател. Кои ситуации ги решавате со компромис, кој сепак е неизбежен во секој брак?

- Двајцата не сме конфликтни личности, така што нашите проблеми во бракот ги решаваме со разговор и договор. Секој ден пред спиење разговараме за следниот ден, за акциите што ќе ги имаме тој ден и се договараме кој што и како треба да се однесува во кој временски период. Така што според тоа многу лесно функционираме и се организираме. Буквално тоа е клучот на успехот на нашиот брак. И успех во нашите животи. 

СЕКОЈ ДЕН ПОМИНАТ СО ЌЕРКА МИ Е ПРИВИЛЕГИЈА

* Дали дента кога се роди вашата ќерка, бевте на натпревар,што е честа појава кај спортистите или покрај вашата сопруга?

- Бев во Јапонија, а таму натпреварите се играат во сабота и во недела. Во четврток патувате, се сместувате, во петок тренирате и во сабота и недела имате натпревари. Тогаш буквално почнуваше Лигата, беше прво и второ коло. Првиот натпревар беше многу тежок и изгубивме 3:1. Чувствував голем стрес и нервоза бидејќи утредента имавме натпревар со уште подобар противник. Беше недела, 28 октомври 2018 година. И тој натпревар го изгубивме 3:1. Тој ден не добив порака од мојата сопруга, ниту за време на натпреварот, ниту по завршувањето. Поради разликата од осум часа, си реков дека можеби спие, бремена е. Или не е во можност да ми пише. Кога се враќавме за Осака, во автобусот цело време бев замислен и малку тажен, бидејќи доживеавме два порази. Одеднаш добив видео повик од мајка ми. Ме погледна и ми рече „Честито, имаш ќерка“. Буквално се стаписав, не знаев дека Данче е во болница, уште од претходниот ден, дека се случува породувањето и дека ќе добијам ќерка. И’ возвратив „Чекај да ставам слушалки.“, бидејќи околу мене сите спиеја. Сакав да вриснам од среќа. Меѓутоа, почитта во Јапонија е најголема работа, кога спие некој ти мора да водиш грижа да не го разбудиш. Ги ставив слушалките и и се јавив на сопругата. Ја видов за првпат ќерка ми Марија и 30 минути бев стаписан и во чудо. Тогаш почувствував дека животот буквално ми се смени, станав татко и што понатаму? Само си реков: „Едвај чекам да стигнам дома и да се пофалам на сите, да се слушнам и да ја видам Марија повторно.“ Нашата ќерка се роди во 9 часот по македонско време, а тогаш беше околу 17 часот во Јапонија. Таа видео порака која уште ја чувам секогаш ќе остане во моето срце.

* Колку ќерката ви го смени животот, каков сте како татко?

- Ќерка ми ми го смени животот за 180 степени. Значи никогаш таква среќа и таква љубов не сум ни замислувал дека постои во мене. Никогаш не сум ни замислувал дека можам некого толку многу да го сакам и да му се радувам. Секој ден со неа е привилегија, секој ден со неа е благослов, секој ден со неа е среќа, така што се трудам нон- стоп секое време да го поминувам со неа. Штета што поради пандемијата нема гледачи на натпреварите.
Ќерка ми беше присутна во салата само на почетокот, кога бројките на заразени беа мали. Како татко сум доста мек и понекогаш дозволувам сѐ да прави, дури и на „глава да ми се качи“. Меѓутоа, таа љубов што ја имам кон неа не ми дозволува ниту понекогаш да ја чукнам по задникот, ни да ѝ викнам погласно. За тоа е задолжена нејзината мајка која ми вели дека Марија мене ме сака најмногу на цел свет, бидејќи сѐ и дозволувам и сѐ ѝ давам. Нормално еден родител мора да биде попопустлив. ПОсакувам да сме здрави и живи и да ја гледам како расте до мене, до нас, како се развива во една прекрасна и добра личност. 

* Вчера беше празникот Св.Трифун, но многу овој ден го слават и како Св. Валентајн. Каков е случајот кај вас? Дали го славите со чаша вино и со размена на подароци?

- Ние ги славиме и двата празника, меѓутоа за Св.Валентајн не се оптеретуваме со некои огромни подароци. Сакаме тие да бидат симболични и да значат нешто за нас. Така е во нашиот брак. Јас сум тој што тоа повеќе го сака и го наметнува. 

СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА

Фотографии: Диана Бахова (приватна архива) и Шабан Киличи (од терен)