Драган Вучиќ за животот: Нека ме викаат сељак, мене оџакот ми дими
Сабајлево не потресе веста дека еден од најголемите шоумени во нашата земја, легендарниот Драган Вучиќ, почина од коронавирус, на свои 65 години. Голем човек кој останува запаметен по својата харизма, по својата насмевка, по своите песни, по своите шоуа и квизови. Во продолжение интервјуто кое во 2017-тата година, како тогашен водител на „Среќни коцки“, Вучиќ го даде за тогашниот веб-портал Story.mk.
Искрен и свој во одговорите, вистинската легенда од која денес се простуваме, раскажува за неговите 5 минути, за категоријата „сељак“ во која го сместуваа, за лошите коментари, но и за среќата со семејството, сопругата Весна со која беше заедно 40 години, и синот единец Мартин.
*Која е тајната на успехот на Вашите квизови, кој свој проект го сметате за најуспешен?
- Па јас сум имал многу проекти досега, но сепак најуспешни проекти ми се два во животот, зборувам за рејтинзи на гледаност, до душа тогаш имаше само три национални телевизии не знам како ќе беше да беше сега, јас имав над 500.000 гледачи тогаш за „Вашите 5 минути“ секако се работи, и уште еден проект, многу сум горд на него, после 10 години беше тој проект од „Томато продукција“ со 20 луѓе голем оркестар со хостеси, со такви работи, со многу познати пејачи, со фантастично светло, со пеење, свирење, тоа беше стварно на едно убаво балканско ниво, ај да не кажам европско. Тука да не го пропуштам „1+2“ тоа беше на „Сител“ во 1999 година, тоа беше убаво шоу, и ова со турците што ми беше, нели им одев дома на главните актери на сериите.
Што се однесува до квизовите, ако ова воопшто е квиз, ова е забава „гејм шоу“ ама како и да го свртите е многу забавно. Јас овој квиз го правам за обичните луѓе, онаа класа што јас мислам дека е неприкосновена и моја и не ја давам на никој. Тука има нели и од оние од високото , од „големото добро утро“ кои можеби немаат некои симпатии кон квизот, но кога го гледаат итекако се смеат . А мене ми е поентата од една страна да помагам што повеќе , а од друга страна да се забавува публиката и јас исто така.
* „Среќни луѓе“ е квиз постојано има гафови, како Вие реагирате на нив?
-Па да ви кажам искрено јас сум веќе навикнат на тоа, гафовите се составен дел од квизот, тоа не се луѓе квизаџии, тоа се луѓе што сакаат да дојдат за забава првенствено и да освојат некоја награда. Да земеме некој што дошол, па не мора да е од надворешноста, па и од Скопје да е, кога ќе дојде пред камера- ќе се збуни, тука се камери, тука е светло, па и јас ќе буцнам нешто и тоа е. Тие сами си го прават сценариото, јас немам со тоа ништо, некогаш се воздржувам, но некогаш стварно не можам да се воздржам, и јас се смеам заедно со нив и мене ми е забавно и затоа овој саат време ми поминува многу брзо.
* Некои Ве плукаат и Ве сместуваат во тн категорија сељак, кој е Ваш коментар на ова?
-Ух јас сум веќе навикнат, од 95/94 година го работам ова , еве веќе 23 години , епа тој сељак дојде до тоа ниво што сум сега. Кој како сака нека ме плука, Драган Вучиќ е бренд во Македонија и тука завршува целата моја приказна. Значи јас прво немам нит Фејсбук, нит ме интересира што пишуваат, нит па одам по други телевизии, а тоа што е сељак ние сме си навикнати, и тоа нема врска со мене. Мене битно оџакот да ми дими, а лево и десно, тие дали се новинари, дали се залопамтила, не знаат што да прават за да бидат читани, кај што ќе се види моето име ќе отворат. Значи од една страна сакаат да бидат читани да им се спомне името, од друга страна својата негативна енергија на мене ја истураат. Воопшто не ми е гајле, да бев сељак до сега „ехее“ ќе беше, меѓутоа јас сум човек со музичка академија, со 4 странски јазици , далеку сум од сељак, а 10 години пред сите овде. Сега да кликнам јас 100.000 гледачи ќе имам, потписници во било која кампања да сум, минимум. А они нека си ја тераат својата работа, коментарот е тоа.
*Која е Вашата лична дефиниција за поимот „сељак“?
- Моја лична дефиниција..хм.. па сељак е да ви кажам, сите сме ние сељци на некаков начин. Што значи сељак дошол од село и селски се понаша.. вашиве роднини да ги прашам сигурно не се од Скопје , ако Скопје е воопшто некоја метропола. Секој наш дошол од негде од некое село, или татко му или братучед му биле од село и стварно сељаци ги викаат, „вилиџ пипл“ нели. Дефиницијата не е воопшто навредлива за мене што сум јас сељак, добро сељак сум не е проблем, дали тука се затвараат до тоа, па после ќе сакаат нешто друго да буцнат, па не оди тоа така. Јас многу луѓе од пред 25 години што ме боцкале и што сум им бил сељак, сега сум со нив другар пријател итн. Драган Вучиќ на телевизија и Драган Вучиќ вака е сосема друга димензија, јас не сум тој што сум на телевизија, според тоа што јас го правам на телевизија, тоа го правам за гледаноста, за моите гледачи, јас сето ова што го правам не го правам во ракавици, бидејќи катастрофа ќе биде, како некои мои драги колеги водители што пробуваат да бидат водители , а абер да се немало од шоу, да имаш ѕвезда. Тоа само ретки луѓе можат да го направат, не велам дека сум јас во тие, народот може сам да си каже. Но 70% од тие што судат , судат позитивно за мене , а тие 30% може и помалку да се , за нив јас сум сељак, јас сум кукавица, мислам апсолутно не ме интересира. Горд си сум на тоа што сум направил досега.
*Што најмногу Ви недостасува од времето на „Вашите 5 минути“?
-Ми недостасува еланот , сепак еве веќе скоро 25 години се поминати од вашите 5 минути. Тој елан тогаш што го имав и што одев секоја недела низ градови и правевме аудиции, тоа го немам и годините си стасуваат, не е како што било времето тогаш . Ова е друго време сосема друг начин на водење на емсии ,сосема друга публика, меѓутоа јас сум си горд на таа публика, тогаш што била млада, а сега имаат по 50 години , а сега па нивните деца истото тоа го гледаат и доаѓаат и се сликаат и сите тие работи , се повторува се тоа кај мене. Ама ми недостасува минус 20 години, искрено.
*Кога беа Вашите 5 минути во животот?
-Моите 5 минути во мојот живот, знаете Господ дава три шанси, ако барем една не искористиш ништо. Јас првата моја шанса што беше на музичко поле ја искористив со група „Македонија“ на мои 18 години , ја зграпчив добро како еден солиден бас гитариста да кажам , живеев во едно друго време каде што естрадата стварно се ценеше , се ценеше добар музичар. Втората шанса ми беше со групиве што ги направив , а третата шанса си ја искористив кога ме викнаа во „Сител телевизија“ и таа беше третата шанса со вашите 5 минути , и тогаш почнав полека полека со водителството, а музицирањето и пејачката кариера замереа бидејќи осетив како што веќе ви кажав, 10 години сум понапред гледам, осетив дека од нашава естрада ама ништо нема да биде и свртев на шоу програм и јас мислам дека тоа мене добро ми оди, без разлика на тоа кој друг што сака да каже.
*Твит- „Мило ми е што Драган живее како холивудска ѕвезда“. Каков живот живее Драган?
-Холивудска ѕвезда зошто...јас сум толку приземен човек, мене ќе ме видите и на пазар , ќе ме видите во банка да си чекам ред , ќе ме видите секаде, јас не сум холивудска ѕвезда нит па така се чувствувам. Јас сум сосема природен и не сум јас како што велат-Драган бил препотентен .. јас немам „п“ од препотентен искрено да ви кажам. Јас сум сосема друга личност и сакам да се дружам , меѓутоа најголемата врлина според мене е тоа што сакам да помагам луѓе, сакам да помагам на моите драги наоколу пријатели и роднини, максимално што можам да помогнам на некој, дали за вработување, дали за финансии , дали да помогнам нешто од моите спонзорства , да им го доделам она мене што ми припаѓа . Да јас сакам да шетам и шетам , одам по Грции, по разни спа центри итн. меѓутоа јас имам 3-4 дена , па после имам 10-15 дена одмор и гледам да си ги искористам затоа што мирот што го имам никакви пари не можат да го купат.
*Колку сте среќен во моментов?
-Супер сум среќен да ви кажам , фамилијата ми е здрава и жива , јас сум си подмирен , само здравје да ме служи, а мојата фамилија заедно со мене да ужива и тоа е тоа. Здравјето е најважно и фала богу добро ми служи и тоа е.
Македонската јавна сцена со емотивни пораки се простува од великанот, кој почина на ист датум како и големите Гоце Делчев, Васка Илиева, Јосип Броз Тито. Историјата на болеста ја раскажа и министерот Венко Филипче.
Почивај во мир голем човеку!
Даница Караташова