Една година без Влатко Илиевски: Тамара му посвети песна, Марјана со емотивна посвета
На денешен ден (6 јули) пред точно една година, Влатко
Илиевски трагично го загуби животот. Македонскиот пејач и актер имаше само 33
години.
Неговите блиски пријатели и соработници не го заборавија на овој тажен ден, ниту пред една недела кога се собраа на неговото вечно почивалиште на градските гробишта во Ѓорче Петров.
- Една година помина. Сѐ уште не можам да поверувам и не сакам да поверувам. Фалиш Влатче и засекогаш ќе недостасуваш - напиша водителката Марјана Станојковска со која Илиевски соработуваше во естрадниот магазин „Бекстејџ“, но се дружеа и приватно.
Неговата најдобра другарка од средношколските денови, Тамара Тодевска, уште на поменот пред една недела ни кажа дека тешко ѝ е да зборува за Влатче.
- Тешко ќе ми биде цел живот. Нема ден да не помислам на него - искрена беше Тамара.
Денеска, точно на годишнината од смртта, му ја посвети нумерата „Гушни ме“, дуетот кој го снимија пред неколку години.
Влатко планирал големо враќање на музичката сцена, а „Женски магазин“ минатата недела дозна дека веќе е во подготовка цел албум со досега необјавени негови песни.
Неговиот долгогодишен пријател и соработник Владимир Дојчиновски-Дојчин кој лани ни потврди дека има необјавен материјал со Илиевски, ни изјави дека уште е рано да се откриваат детали за проектот и порача фановите да бидат трпеливи.