Еротски приказни: АЛЕК И ЈАС

Добивај вести на Viber

  Се разбудив и си ги отворив очите. Алек спиеше, а јас полека станав и се приближив кон францускиот балкон. Не ми се веруваше, се почувствував како в снежна бајка. Нежни бели снегулки лебдеа во воздухот. Сè беше побелено и чисто како в снежна бајка. Паѓаше снег иако беше рано за овој период од годината. Белите снегулки, во форма на ѕвездени ливчиња и лесни како пена, го играа својот необичен танц. Ветрот ги носеше и ги фрлаше по земјата.

  Насекаде владееше белина. Гранките од дрвјата под притисок на ветерот крцкаа под товарот на влажниот снег.

  Го погледнав Алек. Спиеше. Полека излегов низ вратата и поитав да сварам кафе. Влегов в кујна и ставив кафе да се вари. Ја отворив балконската врата. Внатре беше топло, но кога ја отворив вратата, ветерот свиркаше сè погласно, а на блиското дрво неколку врапчиња потскокнуваа лево-десно. Душата ми се нажали. Сигурно беа премрзнати и прегладнети. Зедов едно парче леб, го разронив во ронки и ги фрлив на снегот.

  Вратата од спалната се отвори. Алек со неговиот тежок глас извика: „Инес! Сме се успале! Требаше веќе да сум на пат! Денес имам еден куп состаноци“. Горчливо му се насмеав и сакав да му одговорам, меѓутоа тој се прикраде кон мене и почна да ме опсипува со бакнежи. Забележа дека паѓаше снег и викна повторно изненаден: „Паѓа снег?!“

  Почнав да се смеам. За некого снегот беше радост, почеток на нешто ново, подарок од волшебната природа, а Алек беше човек од акција и за него значеше дека ќе се блокираат неговите планови. Кафето беше готово и го пиевме полека. Јас во проѕирна долна облека и во баде мантил.

  Тој ме набљудуваше и ми рече: „Инес, сѐ поубава и поубава си. Од првиот ден кога те запознав до сега, успеа да ме заробиш со твојата убавина. Не се промени сиве овие години. Можеби да не постоев, сигурно ќе најдеше подостоен човек од мене кој повеќе ќе те заслужува од мене“.

  Морав да го прекинам и да го искажам она што ми лежеше на душа, што ми ги гушеше градите, што не можев да го проголтам. Ми стоеше огромна кнедла во грлото и почнав да му зборувам: „Делуваш многу патетично. Дали го виде снегот што паѓа како памук и како е сѐ бајковито и прекрасно? Дали можеме некогаш заедно да го прославиме првиот снег? Да излеземе, да го газиме снегот што ќе крцка под нашите нозе, да се маваме со топки и да правиме фигури на снегот. Ние всушност навидум имаме сѐ, а немаме она што е најважно за сите луѓе на целиот свет – слободата. Ако сега нѐ излеземе заедно, тогаш на што ќе се засноваат нашите спомени?“

  Алек ме погледна лошо и ми рече: „Зошто почнуваш некои расправии без потреба? Ако можев, ќе променев многу работи. Изгледа најдобро е да се откажам од мојот живот“.

  Стана, се облече и замина без поздрав. Тоа беше нашиот живот во кој немаше ни сегашност, а ни иднина. Немоќно седнав на столчето и го допив кафето, размислувајќи за минатото.

  Јас и Алек бевме заедно од средно училиште. Додека тој растеше во изобилие, јас бев девојка од работничко семејство и ние бевме два различни света. Неговите поседуваа фабрика за мебел, всушност мајка му ја имаше наследено фабриката од нејзините родители. В средно училиште тие разлики не се забележува, а Алек беше голем другар во душата и сите го сакавме. Без оглед на неговата имотна состојба, знаеше да се жртвува и да му помогне секому.

  Нашата љубов започна наивно и детски. Кога бевме на една екскурзија, паднав и си ја скршив ногата. Класниот ме однесе на лекар и со него дојде Алек и другарка ми. Ми ставија гипс и ме донесоа дома. Морав да лежам дома неколку дена и Алек почна да ме посетува секој ден. Најпрво само разговаравме и потоа падна првиот бакнеж што за нас беше нешто највозвишено на светот. Кога ме бакна за првпат, се засрамив и образите ми пламнаа од што добив температура, а тој исчезна и три дена го немаше никаде.

  Тоа беа наивни детски денови кога бевме чесни, искрени и чисти во душата како капка изворска вода. По првиот бакнеж, Алек се срамеше долго време да ме фати за рака. Потоа ме праша дали сакам да се забавуваме. Ниту двајцата не знаевме дека моето пресудно „да“ ќе нѐ чини многу години љубов. Љубовта наша стана огромна, неопишана и посебна. Бевме за пример на сите за една успешна и верна љубов сѐ додека неговата мајка нѐ дозна за нас.

  Таа веднаш ни се спротивстави на нашата врска. Инаку, таа ги презираше сите оние кои не беа богати и на Алек му ја полнеше главата дека сум со него само поради неговото богатство и дека не постои љубов помеѓу нас. Алек не можеше да ѝ се спротивстави бидејќи таа целовреме диктираше за сѐ. Го уценуваше со сите можни средства и му се закануваше дека ќе се самоубие ако продолжи нашата љубов. Од друга страна пак, мене ми се закануваше дека ако го напуштам Алек, ќе се самоубиела и така влеговме во еден безизлезен круг.

  Убавото почна да се заменува со секојдневие. Се чувствував виновна за нашата врска и се убедував дека правев нешто незаконски и неоправдано.

  Отидов да студирам в странство со цел да се разделиме. Немав доволно средства за живеење, а бев премногу горда да барам од Алек да ми помогне финансиски.

  Живеев со една девојка соба до соба и се здруживме со неа. Таа беше финансиски независна. Една ноќ и помогнав да се скрие од еден човек и таа ми се довери зошто го работи ова. Имаше врска како мојата и беше гневна,  бесна и изреволтирана на својот партнер. Станавме преблиски и кога дипломирав, ѝ најдов работа и ни беше тешко да се разделиме.

СОСЕТКИ

Еротски приказни: ПОБЕДА НА ЉУБОВТА

Еротски приказни: МИРОТ Е СВЕТА РАБОТА

Еротски приказни: ПРЕСТОЈ В БАЊА

Еротски приказни: НА БАЊА В ПЛАНИНА

Еротски приказни: ПРЕКРАСНО ПАТУВАЊЕ