(ФОТО) Каков е актерот Дритон Вејсели кога не e Талат од „Преспав“
Сите го знаеме како шарматниот Талат од село Џепчиште кој работи на рецепција во пансионот „Преспав“. Актерот Дритон Вејсели од популарната серија, е спротивност на ликот кој го глуми.
Тој не живее во тетовско, туку во Скопје, но потеклото му е тетовско. Во тинејџерските денови, сакал да биде ликовен уметник, па завршил средно уметничко училиште. Угостителството е нешто што му е заедничко со Талат. Тој и неговото семејство се сопственици на познатата скопска слаткарница „Малага“.
„Понекогаш кога одам по улица и луѓето ме поздравуваат, заборавам од каде ме знаат. Некои и не ме препознаваат, затоа што кога ги немам оние карактеристични мустаќи на Талат изгледам сосема поинаку“, ни изјави актерот во претходно интервју.
„Талат е навидум наивен и помалку несмасен и бавен, но не е таков. Тој е еден бескрајно весел лик, дете во душата и прилично е снаодлив. Моите сличности со него се токму тука, и јас понекогаш за себе си велам дека сум уште дете во душата“, додаде актерот.
Новата, трета сеозна на „Преспав“ ќе започне да се емитува од 17 декември на МТВ 1, секој работен ден од 20.15 часот. (М.Џ.)