(ФОТО) Патувате за Будимпешта? Оригинално кафуле кое мора да го посетите

Добивај вести на Viber

За да влезете на ова место треба да сте постари од 14 години, да ги сакате мачките и да искусите нешто ново, еден необичен концепт на кафе-бар

Cat caffee -the PURRfect place to be, е мотото на еден необичен кафе бар во Будимпешта, каде (погодувате од самото име),  друштво ви прават-нивните височества, мачките.

Истражувањата покажуваат дека мачките имаат смирувачко влијание и го намалуваат стресот кај луѓето (се согласувам, со оглед на тоа што цел живот чувам мачки). Воедно ни е познато и дека заради своите смирувачки способности, во Египет биле сметани за божества.

Ако сте вистински љубител на овие животни, овој кафе бар ќе остави силен впечаток кај вас. Додека го пиете своето кафе, чај и слично, во „Кет кафе“, друштво ќе ви прават околу 15 мачки кои својот дом го пронашле токму таму.

Луѓето кои ги сакаат мачките, се воодушевени со оваа идеја, што на едно место може да одморат и да се релаксираат после напорниот работен ден, да ја испијат својата дневна доза на кафе и да си поиграат со омилените животни. Ова е одлична идеја, посебно за оние кои немаат можност, но и време, да чуваат мачки во својот дом.

Всушност во овој кафе бар, мачките се на еден начин домаќини, што значи вие влегувате во нивниот простор, во нивниот дом, а со самото тоа има неколку правила на однесување.

- Мачките може да се галат само со чисти раце, па веднаш на врата ќе ве дочека девојката која работи таму и ќе ви даде средство за дезинфицирање на рацете,

- Не смеете да ги „малтретирате“ да си играат со вас, доколку тие не се расположени за тоа,

- Не смеете да ги храните,

- Не смеете да ги снимате или фотографирате со блиц (фотографирањето и снимањето се дозволени без блиц).

На мачките им е обезбеден и простор за мирување, а на секој ќош, имаат и свои хранилки и чинивчиња со вода.

Во кафе барот не се наоѓаат само маси и столици за посетителите, туку и играчки за мачките, големи удобни корпи во кои тие одмараат, куќички за качување и слично.

Овде може да организирате и одбележувања на ваши прослави. Овој кафе-бар во Будимпешта е отворен во 2013-тата година, по краток период откако овој концепт на кафе барови пристигна во Европа (првиот беше отворен во Виена). Ова е место за социјализирање со мачките, но и за оние кои не се добро запознаени, со навиките на мачките и грижата за нив.

Прв ваков кафе бар Cat Flower Garden , е отворен во главниот град на Тајван. Идејата за брзо заживеа во Јапонија, каде од 2004 до денес, се отворени над 40 кафе барови со мачки.

Бројни места од овој тип нудат различен концепт меѓу кој и оној каде постојат кафе барови само за црни мачки, или ретки расни мачки, додека други се за мачки кои се од некој стационар или спасени од улица.

Во Европа после Виена и Бидимпешта, следуваа отворања на кафе барови со мачки во Санкт Петерсбург, каде имало 8 мачки од кои 4 донесени од музејот Ермитаж, каде што преживувале ловејќи глувци, додека останатите 4 мачки биле купени.

После Будимпешта, се отвара и првиот кафе бар со мачки во Германија и тоа во Минхен, после што следуваат отворања на вакви места во повеќе градови вооваа држава, а после тоа и во Лондон, Париз, Рим, Загреб..

Вниманието мене во кафе барот во Будимпешта, ми го привлече големата тн. шумска мачка која потекнува од Норвешка (thanks на ветеринарот Владе за информацијата). Иако ме пречека со фаца на своето лице како онаа на grumphy catJ, после неколку минути беше расположена за дружење и фотографирање (што е доказ и самата фотографија).

Оваа мачка и очигледно кралица на местото, има шепа со големина како на 6 годишно дете, голема опашка и во секој случај импресивен изглед.

Местото е поделено на три дела од кои главниот е оној на самиот влез, до кој се наоѓа тн.вип дел, односно местото со удобни сепареа, со позатемнето осветлување и галеријата на вториот кат од каде се пружа поглед кон целиот кафе бар.

Се наоѓа во центарот на Будимпешта , во близина на Fashion Street и базиликата на Св.Стефан, поточно на Révay улица, не се наплаќа влез, а покрај плаќањето за она што ќе го нарачате, мој совет е да оставите бакшиш во кутијата на шанкот, кој ќе биде употребен за набавка на храна за мачките.

Ова урбано место за кафе и ручек ќе им овозможи на љубителите на мачките едно уникатно искуство и доживување. Ако сакате нешто ново и необично, ова е дефинитивно местото кое треба да го посетите.

Неда Маретиќ