(ГАЛЕРИЈА) Женски Магазин на божиќните маркети во Будимпешта, Виена и во Минхен

Добивај вести на Viber

Во градовите ширум Европа ова е период кога се полираат снежните кристални топки, играчките, се изложуваат нови, секоја година се покреативни и разнобојни, се посетуваат божиќните маркети..

Од средината на ноември па сѐ до јануари, најубавите плоштади се претвораат во прекрасни Божиќни пазари. Воодушевувачки мириси на слатки, варено вино, прекрасни декорации, едноставно вистинска магична атмосфера. Најпознатите се во Единбург, Амстердам, Стразбург, Брисел, Прага, Берлин, Копенхаген, Минхен, Краков, Нуремберг, Будимпешта и во Виена.

ВИЕНА

После гледањето на фотографиите на убавините од божиќните декорации во Виена и слатките божиќни колачиња (да ги почнав уште од сега), се одлучив да го посетам најпознатиот маркет во австриската престолнина, односно да ги посетам, затоа што се повеќе од еден.

Ратхаусплац е еден од најпосетуваните и најпознатите.Во периодот пред Нова година се претвора во магично зимско место од бајките, од средината на ноември до крајот на декември.

На околу 152 штандови се поставени божиќните украси, колачи, декорации, рачни изработки, колачиња, топло вино и пунч. Од толку богата и разноврсна понуда нема да знаете што побрзо да купите, кој сувенир или подарок за вас и вашите најблиски.

Иако денот беше врнежлив, овој саем беше преполн со туристи од целиот свет, па се чувствував како во град, глобално место каде во ист момент слушаш 20 различни светски јазици.

Дури продавачот на познатите виенски сендвичи беше во хрватски дрес, што некако е убаво кога ќе сретнеш некој од балканските простори.

Останатите Божиќни маркети се сместени пред палатата Shönbrunn, потоа на Stephansplatz, Karlsplatz..

Прошетката низ штандовите не оди без топол пијалок, можете да бирате помеѓу топло вино, чај или познатиот виенски пунч во божиќна шолја, за што и јас се одлучив и е превкусен.

БУДИМПЕШТА

Будимпешта е веројатно најубавата и најмагична дестинација каде може да ги прославите Божик и Нова година со пријателите или семејството. Тука е сместен еден од најубавите божиќни пазари во Европа.

Божиќни подароци, украси од дрво, слатки, топли пијалоци, забава, работилници за деца и уште многу други работи може да ги најдете доколку го посетите Божиќниот маркет во Будимпешта.

Со својата историска локација, прекрасните средновековни градби, долгата традиција ги задоволува сите услови неколкупати по ред да биде прогласен за еден од најдобрите божиќни пазари во светот. Тука може да си купите висококвалитетни ракотворби и новогодишни украси.

Овој празничен маркет ги поздравува сите со прекрасни украси, вкусна унгарска и интернационална храна меѓу кои омилени се flódni, традиционалната унгарска торта chimney и уште многу други вкусни задоволства.

Божиќниот дух блеска пред најголемата катедрала во Будимпешта, Свети Стефан.  Организаторите и оваа година напорно работеа да го организираат еден од најмагичните божиќни маркети.

МИНХЕН

Со години наназад на листата на најубави божиќни маркети свое место има маркетот во Минхен. Тој е еден од најстарите маркети во Европа и еден од најомилените во Германија.

Сместен во срцето на градот, на Мариенплац, големиот отворен плоштад именуван според столбот, кој е во центарот на плоштадот и близу кој се наоѓаат Стариот и Новиот градски дом. На кулата на Новиот градски дом е познатото и надалеку препознатливо ѕвонење на камбаните.

Овој маркет нуди забавни атракции, традиционално рачно изработени украси, вкусни јадења. Уживајте во огромната новогодишна елка украсена со безброј светилки, сцени од раѓањето на Исус со рачно изработени фигури во природна големина.

Патувањата се убави и заради тоа што секогаш имате можност да сретнете некој на било кое место во светот. Па така и на моето патување во Минхен додека ја снимав репортажата ми пристапи девојка која е на размена преку Еразмус програмата, Маја, која ме слушнала додека зборував на македонски на видеото. Ах, колку прекрасно чувство, ти благодарам Маја за убавото изненадување.

Совет плус

На овие божиќни маркети доаѓате со празен куфер кој после посетата на истите е преполн со различни украси, сувенири, колачиња.

Празничната атмосфера, убаво украсените метрополи, божиќни маркети, снежната прекривка едноставно ги греат нашите срца.

Тоа е само дел од атмосферата која може да ја доживеете доколку посетите некој од божиќните маркети ширум светот.

Покрај тоа, сите во овој Божиќен период се весели, насмеани, секогаш расположени за комуникација. Ќе ви кажат каде точно да се упатите додека барате некој сувенир, каде е најубавото кафе, а и каде се најголемите шопинг попусти. Дедо Мразовци шетаат насекаде, а доволна е и една насмевка во текот на денот за истиот да ви продолжи совршено.

Затоа драги мои читатели, оваа година помогнете каде што можете, волонтирајте, направете го некому денот поубав и подарувајте насмевки, оние искрени од срце.

Неда Маретиќ