И Кајли Миног испеа негова песна: Успешната приказна на продуцентот Бобан Апостолов

Иако за него не се пишува често во домашните медиуми, Бобан Апостолов е еден од нашите најуспешни продуценти и композитори кој со голема брзина гради интернационална кариера. Во 2006 година дипломира на ФМУ во Скопје. Осум години потоа, патот го носи во Лондон, а подоцна во Париз каде што се запознава со светски познати музичари. 

Важна титула во неговата кариера е што станал Multi Platinum композитор и продуцент, но и гласачки член на Grammy Awards од 2014 година. Во овој период, Бобан паралелно работи на неколку поп-проекти за изведувачи од Франција, Канада, Швајцарија за кои повеќето се албуми.

„Во моментов компонирам за француската пејачка Jenifer, со која работев на нејзиниот последен албум, вклучувајќи и дует со Кајли Миног во соработка со Боб Синклер кој излезе неодамна, и албумот е продаден во над 100.000 копии. Освен тоа, работам и за познатиот пејач Matt Pokora (познат по соработките со Timbaland) за кој сум исто така композитор и продуцент на 2 песни од неговиот последен албум, како и саундтракот во филмот во кој што самиот тој е во главна улога“, открива Бобан за „Женски магазин“.

Дел од неговата музичка агенда е и романската пејачка Eneli (позната по соработките со турскиот ДЈ Mahmud Orhan „Save me“) со која неодамна промовирал песна, во која и самиот Бобан е артист под псевдонимот naBBoo.

За него е важна соработката и со пејачката KANITA која потпиша со Warner Music Russia, и воедно постигна Платиниум признание во Русија за синглот “Don’t Let Me Go”.

На прашањето, како дошол до сите познати пејачи и какво е искуството е да се работи со нив, Бобан вели:

„Би рекол дека самата работа ме доведе мошне спонтано до сите овие соработки, со оглед на тоа што последните две години живеев и работев во Париз. Ми помогна добриот менаџмент и тимот со кој што работиме, полесно е до остварување на овие соработки и продукциски куќи како Warner Music, Universal, TF1“, вели Апостолов. 

Тој се согласува со изреката дека големите ѕвезди се всушност едноставни луѓе.

„ Речиси со сите артисти се познавам лично, најинтересно е тоа што колку артистот е поголем и поуспешен, толку е се полесно и поедноставно да работиш со нив во студио. Ако нешто забележав овие години работејќи е дека его не постои кај нив, сите се професионалци кои сакаат да чујат критика и мислење во интерес на тоа проектот да биде успешен. Интересна случка е дека албумот на Jenifer кој се продаде во над 100.000 примероци го работев во еден мал стан во Париз, на трепезариска маса и најнеудобното столче во најтоплиот период во летото без клима! Всушност е многу едноставно и воедно и забавно да се работи со големи ѕвезди како нив“, додава Апостолов.

Без оглед на неговата богата композиторска и продуцентска биографија, Бобан има неостварени желби и верува во своите соништа.

„ Би сакал соработка со австралисткиот пејач Dean Lewis , англичанецот Lewis Capaldi, пејачката Halsey.. Листата е поголема, но верувам дека секој композитор/продуцент има амбиции и сништа да работи со артисти кои ги цени и цврсто верува дека ќе се остварат еден ден“. 

М.Џаровска