И по 15 години не те заборавивме- нема никогаш: Тоше Проески, ни остави белег за сите генерации

Ова е денот кога прерано не напушти. Кога во кобната сообраќајна несреќа замина кон небото. И по 15 години ние како нација не те заборавивме. Ги пееме твоите песни, се присетуваме на сето она што го создаде и направи... и така ќе биде секогаш! Секогаш ќе ти оддаваме почит! Зошто ти имаше мисија- да ја споиш љубов и несебичност, а преку гласот да оставиш трага...

Извадок од книгата ,,Ова не е крај“ на Соња Алексоска Неделковска

Од мал беше капетан на трите брода на  базиликата од   храмот „Свети Никола“. Кога пееше на неделната или празничната миса, оживуваа сите ликови од волшебните иконостаси на Гарката и на Станишев. Иконите на зографот Михаил го поздравуваа со долг аплауз. Исчезнуваа лузните на црквата   од   илинденскиот палеж  во 1903 година.  Никола и Домника не забележаа ниту еден фалш кај својот син.

Во семејството на Тоше, сите се толку музикални, што е многу тешко да се одреди од каде е наследен музичкиот ген. Дали од дедото Тодор, кој царувал со сцената и бил одличен актер, дали од родителите и чичковците, чии средби секогаш изобилувале со трубадурски изблици, придружувани со гитари. Музиката била најчест гостин во нивниот дом. Како нешто без кое не се може. Како мевлем против сите рани што ги отвора животот, како оружје против судбината, како извор во кој се капе душата. Кај Тоше гените беа посилни, како да испреплетеа не две, туку четири нишки од ДНК,  во која се криеше  кодот  -  пејач,  ѕвезда.  Го  насетуваа  талентот.  Но,  не  и   тоа   што допрва   ќе   им   се   случува.   Одеа   по   Божјиот   пат,   славејќи   го   Господ, благодарни   и   со   тоа   малку   што   го   имаат.  Чудни   се   патиштата   Божји. Понекогаш зборовите од писанието испреплетуваат најубава свила, која ја постилаат пред нас, а ние чекориме по неа. Но, знаат да исткаат и стрели, кои ќе нé погодат, една по друга. Не прашувајќи дали можеме да се носиме со нив. А Господ ти дава толку тежина колку што можеш да  издржиш. 

Првата стрела – беспарицата, Проески ја издржаа. Втората стрела – беше дијагнозата „стразбизам“’ на малиот Тоше. Трета година од неговото раѓање.   Забележаа   дека   зеницата   од   окото   почна   да   му   игра неконтролирано. Мора да се лекува во Прилеп. Мора да се издржи, таква е Божјата волја.

„Носеше очила и беше многу дисциплиниран. Три години секој ден го носевме во Прилеп на вежби за  видот. Имавме пари само за автобуска карта во два правца. Еден ден, пред да одат на вежби влегле со мајка ми во продавница. Пред нив еден човек си купувал вакуумирани кикиритки. Тоше ја прашал мајка ми „Дали еден ден, кога ние ќе имаме пари, ќе ми купиш кикирики.