Бесплатно им цртам веѓи на жените болни од рак: Хумана мисија на шминкерката Ивана

На жените кои се на хемотерапија или боледувааат од алопеција, козметичарката и шминкерка Ивана Атанасовска-Николовска од Скопје им подарува бесплатно јапонско исцртување на веѓи. 

Повеќе од две години, класичното разубавување на клиентките не е нејзин единствен опис на работата. Ивана реши на својата професија да ѝ даде хуманитарен карактер, и да им помогне на дамите кои на било каков начин ги загубиле веѓите повторно да се чувствуваат убаво и да си ја вратат самодовербата. Инспирација ѝ е нејзината мајка, која ѝ самата била болна од карцином.

„ Пред четири години, кога ја завршив обуката за овој тип на веѓи прво ѝ ги направив веѓите на мајка ми. Два месеци по обуката, мајка ми заболе од рак на дојка. По извесно време, по хемотерапијата, ѝ паднаа сите влакна. Решив да ја израдувам и да ја охрабрам со тетовирани веѓи“, ни раскажа Ивана.

Идејата за бесплатно исцртување на веѓи првично ја добила од академијата каде што ја завршила обуката. „Тие го осмислија гестот за подарување на овој третман со акцијата наречена „Pay With Smile“ и не поканија сите нас што сакаме да ѝ се придружиме на акцијата. Јас без размислување прифатив. Еве, од тогаш, веќе два ипол години еве веќе ми трае тој хуман гест за луѓе кои се  заболени од канцер или алопеција, да има подарам веѓи. По искуството со мајка ми, точно знам во каква ситуација се наоѓаат овие дами , и ова е најмалку што може да се направи за нив“, вели козметичарката.

Таа со многу емоции го опишува моментот на реакцијата на клиентките. 

„Тие се пресреќни, а пресреќна сум и јас. Некои со солзи во очите, ме гушкаат по завршениот третман и тоа ми го полни срцето“, додава Ивана. Таа е горда што до сега има направено околу дваесетина вакви третмани, а хуманата приказна, вели дека ќе продолжи. На својот официјален Фејсбук профил, Ивана- мејк ап, како што е позната меѓу клиентките, постојано потсетува на бесплатните третмани за кои вели дека ги работи со најголем елан.

М.Џаровска