Им помагаше на сите во борбата против ракот: Почина психотерапевтката Јована

Добивај вести на Viber

Психотерапевтка Јована Огненовска-Бакаловска утрово почина по долгата борба со ракот. Позитивна, оптимист и борец до самиот крај, таа беше пример за многу жени. Јована беше основач на групата за поддршка за болни од канцер, „Љубов“ на која беше многу горда.

За Женски магазин, таа пред неколку месеци ја раскажа својата приказна, како од Англија, каде што градеше успешна кариера се врати дома во Скопје за да се лекува. „Ракот го излечив со многу љубов“, ни изјави Јована во март.

Во мај во 2016 година, таа добила признание за успешно спроведена акција за собирање пари за жени заболени од рак на дојка во Бирмингем. 

„Бев пресреќна и не ни претпоставував дека неколку месеци подоцна и јас ќе се соочам со истата дијагноза. Во септември, во 2016 година, наместо да ја подигнам престижната награда работник на годината, јас во Македонија, на Онколошката клиника ја примав првата хемотерапија“, раскажа Јована. 

„ Мојот онколог со воодушевување ме претстави како „чудо“ на медицината, како некој што успеал да излекува и метастази. Но, јас не бев чудо. Јас само му го дадов на моето тело тоа што му е потребно-вистинска терапија за која верував дека ќе ме излекува: здрава храна која ќе го храни и негува, враќање на балансот на енергии во телото и многу љубов. Тоа е магичната формула за исцелување“, ни раскажа Бакаловска. Со многу љубов, таа зборуваше за својата ќерка Андреа и сопругот Коце, мајката и братот кој за време на лекувањето, во болничката соба ѝ донел пехар.

„ Среќата не зависи од тоа под каква ѕвезда сме родени или од тоа колку материјално богатство поседуваме. Среќата е ментален став. Таа извира од почитта спрема она што го имаме, а не од тагата за она што го немаме. Тој принцип е толку многу едноставен а толку многу тежок за разбирање. Едноставно замислете дека како и копачот на злато, морате да се помирите со фактот дека треба да ископате многу песок за да најдете еден грам злато. Така е и со среќата - не треба да се откажувате од потрагата по неа. Таа е во сите нас длабоко закопана“, е последниот статус на Јована кој го објави својот Фејсбук профил. Таа ги мотивираше сите околу себе до самиот крај, беше отворена да сподели многу за медиумите и не забораваше да порача дека борбата никогаш не треба да престане.

„ Цвеќињата мирисаат поубаво, вкусот на храната е посладок, сонцето ме милува понежно. Сѐ ми е возбудливо и пријатно. Среќна сум и радосна со секоја измината секунда“, изјави Јована. На сите кои минуваат низ истиот пат како нејзиниот, им порача дека животот е убав, а болестите не постојат, постојат само одредени искуства на дадена болест.

Во чест на Јована, во продолжение е линк до целата приказна која ја раскажа за Женски магазин. 

М.Џаровска