ИНТИМНИ ПРИКАЗНИ КОИ ГИ ОСВОИЈА СРЦАТА НА ЧИТАТЕЛИТЕ: Роденденски избор на Женски магазин
Љубов помеѓу Македонка и Африканец, жена која вели дека го победила ракот со многу љубов, момче кое од град се пресели на планина, македонка која успеа во САД откако го измисли ќебето кое намалува стрес, се само дел од интересните животни детали кои нашите соговорници ги споделија за Женски магазин. Иако не се јавни личности, нивните приказни разбудија интерес кај читателите. Тука е и мајката на малиот херој Јане, Деница Велковска, и Вања Кочовска, мајката на четиригодишниот Максим, кој донираше коса за деца болни од рак. По повод првиот роденден на Женски магазин, ве потсетуваме на дел од приказните кои најмногу се читаа и се коментираа.
Шармантната скопјанка Маша Беќковиќ, која има 25 години е дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство. На неполни 23 години, младата девојка се соочи со голема приватна трагедија. Нејзиното момче загина во сообраќајна несреќа. Во тој исклучително тежок период за неа, таа вели дека светот и се срушил и се чувствувала како само да постои, а не и дека живее. Во 2016 година, Маша повторно ја огреало сонце. На мастер студиите во Франција, го запознала Коџо Њанте од Гана, Африка, кој целосно ја освоил со неговата добрина и човечност.
Коџо е црн, но мене ми ги врати сите бои во животот.- Маша Беќковиќ со саканиот
„ Со Коџо се запознавме во градот Рен во Франција, во октомври, 2016 година, на еден натпревар. Јас седнав прва, тој дојде по мене и кога седна до мене, се почувствував како конечно да ме огреало сонце. Кога седна до мене на масата, првото прашање му беше „Зошто си тажна?”. Јас не криев зошто сум тажна, а и сега сум целосно отворена и сакам да ја споделам оваа приказна затоа што луѓето треба да знаат дека постои среќа за секого“, сподели Маша.
Откако му раскажала зошто е тажна, тој ја погледнал и и рекол дека тој ќе и го смени животот. “Тоа што секогаш го кажувам за Коџо е дека е црн, но мене ми ги врати сите бои во животот“, откри младата девојка која со својот сакан сега живее во Холандија.
Четиригодишниот Максим Кочовски од Скопје ја донираше својата коса за перика која ќе ја користат деца болни од рак. Неговото семејство ја испрати косата на Максим во фризерски салон во Амстердам, кој изработува бесплатни перики исклучиво за деца кои се борат со ракот. Личната приказна на мајката на Максим, архитектката Вања Кочовска, по смртта на нејзината баба која починала од рак и нејзината мајка која успешно се изборила со болеста, ја инспиририраше да го направи овој хуман гест.
„Сакам да им ја дадам мојата коса на овие деца зошто тие се многу тажни“.- Максим ја донираше својата коса за деца болни од рак
„ Во пребарувањето наидов на Здружение "ЗЕДМ Сложувалка" на фејсбук. Здружението е со седиште во Гевгелија и тие како посредници ме упатија што се треба да направам за да ги исполнам условите за донација, и ми испратија адреса од Холандија , каде да биде испратена косата. Му реков на син ми дека за нас што имаме повеќе коса, треба да им дадеме за да не се тажни. Дека кога ќе оздрават пак ќе им порасне, а во меѓувреме ние ќе им дадеме од нашата. Ми побара да ги види на слика сите деца на кои им треба коса. Морам да признаам дека ми тресеа рацете додека куцав на гугл: деца кои боледуваат од рак. Откако ги виде, покажа кон две-три од од децата и рече: „Сакам да им ја дадам на овие деца зошто тие се многу тажни“.
Вербата, поддршката и љубовта од најблиските ѝ помогнале своите професионални соништа да ги оставри и Ивана Трајановска која е родена и израсната во Крива Паланка. Од 2011 година живее во Сан Франциско. Во изминатите 5 години работи како продукт дизајнер и развивач на бизнис во компанија за технологии во Силиконската Долина. Токму таа е дизајнерот на ќебето кое помага за намалување на стресот и инсомнијата, како и за релаксација на целото тело. Алфа ќебето се најде на американскиот пазар во април годинава и оствари голем успех.
Ивана Трајановска е дизајнерот на ќебето кое помага за намалување на стресот и инсомнијата
„ Сакав да направам производ кој со својот дизајн ќе може да помогне на глобaлна скала, без разлика на раса, години и пол. Правејќи истражувања, најдов материјали во кој што оваа техника е опишана како природна терапија во медицината која што била користена со децении. Кога тежината е поставена врз телото ги стимулира мускулите и делува како еден вид на масажа. Со Алфа, мојата цел е да ја оптимизирам поврзаноста на ќебето во форма на човечка фигура, со што ќе може да биде до 700% повеќе ефикасно во споредба со секој друг продукт од овој тип“, раскажа Ивана.
Јован Божиновски е момчето кое пред 3 години го напушти Тетово, и замина да живее на 1730 метри надморска височина, на Шар Планина. Ако сте биле во ресторанот „Конак“ сигурно сте имале прилика да се запознаете со Кенеди, 28- годишното момче кое работи и ужива во сончевите денови или снежната покривка на раскошната шарпланинска убавина. Тој и неговиот другар, алјаскиот маламут Хектор се чувари на природната убавина на една од најубавите планини во земјава.
Јован Божиновски пред 3 години го напушти Тетово, и замина да живее на 1730 метри надморска височина, на Шар Планина
„ Дојдов на 3 дена, а останав 3 години. Едноставно се заљубив во мирот, тишината и моќта на планината. Толкава позитивна енергија немам почувствувано многу долго време. Луѓето кои доаѓаат на планина имаат подруг менталитет од тие во град, и некако се приврзав многу со таа енергија, и не сакам да ја променам, барем не во блиска иднина“, ни раскажа Јован кој е познат по прекарот Кенеди.
Приказната на Деница Велковска, мајката на десетгодишниот Јане, чија фудбалска страст го обиколи светот е пример за храбра, позитивна и упорна жена. Борбата на Деница на нејзиното семејството, тој и уште шест дечиња кои боледуваат од спинална мускулна атрофија (СМА) да го добијат лекот „спинраза“ се исплатеше. Лекот ќе почне да се носи во Македонија, а Владата ќе одобри средства за негово набавување, информираа од СТОП СМА Македонија.
„ Јане е дете- сонце, тој грее штом погледне и проговори. Тој е многу позитивно, насмеано и дружељубиво дете, кое најмногу од се сака да другарува, да шета и да се истакнува со знаење и со умеење“, ни раскажа Деница Велковска.
Семејството Велковски на стадионот на Манчестер Јунајтед
„Не работам, немам онолку време колку што сакам да му посветам на помалото дете, не родив трето дете, не се гледам со пријатели и роднини, не одам во шопинг (трчам да купам нешто кога морам), не излегувам, не успеваме со сопругот да најдеме доволно време за нас ниту пак си дозволуваме непланирани работи, не спиеме доволно, не стигаме да водиме грижа за нашето здравје и многу други работи. Тоа е тој недостатокот на поддршка за овие семејства, кој се надевам нема да биде поразителен за нас“, раскажа за Женски магазин мајката на Јане.
Од успешна психотерапевтка, која својата кариера започна да ја гради во Бирмингем, Англија, скопјанката Јована Огненовска-Бакаловска избра својот животен пат да го продолжи со враќање дома, за да се лекува од рак на дојка. Приказната на Јована е пример дека со љубов и посветеност може да се победат и најголемите болки. По неполни две години лекување, таа е здрава и покрај прогнозите на англиските доктори дека и остануваат уште неколку години живот.
По неполни две години лекување, Јована е здрава и покрај прогнозите на англиските доктори дека и остануваат уште неколку години живот.
„ Eден ден по третиот роденден на мојата ќеркичка, бев официјално дијагностицирана. Светот како да запре во најдолгите шеесетина секунди во мојот живот. Статистиката ме поразуваше и реално ми преостануваа од две до пет години преживување со сите третмани достапни во моментот во тамошното здравство. Неверување! Страв! За триесетина минути ми беше организирано се, од аплицирање на порт за хемотерапија, до планирање на целиот протокол во следните 12 месеци. Немаше простор за „пазарење“. Тоа беше мојот пат, кој јас одбивав да го прифатам. Одбивав да му се предадам на тамошното здравство. Протоколот беше тој, но недостасуваше еден лек, најдобриот за мене, љубов“, раскажа Јована за почетокот на болеста и за денот кога решила дека ќе се лекува дома, во Македонија.
Милица Џаровска
Даница Караташова