Исфрлете неколку намирници од исхраната и полесно ќе ослабите: Нутриционист Фани Гулевска со совети за Женски магазин
Ретки се оние кои барем еднаш во животот не си го поставиле прашањето како да ослабам лесно и брзо без диета. Како да се симнат килограми од критичните места?
Честопати и луѓето кои немаат премногу вишок килограми страдаат од масни наслаги на стомакот, но со соодветна исхрана и вежби може да се спасат од тие проблеми. Денес многубројни се начините како да се постигне идеална форма на телото, а девојките во лето најчесто посегнуваат кон строги диети , со прегладнување за да направат завидна фигура.
Токму за оваа тематика денеска разговараме со искусната нутриционистка Фани Гулевска која ни открива неколку тајни, и што е потребно да има на менито на секој човек за да има витко тело.
*Летото е пред нас, девојките сонуваат за рамен стомак и се придржуваат до разни исцрпувачки режими на исхрана. Како според вас најлесно и најбрзо може да се ослаби?
-Потребно е да се јаде нерафинирана, непреработена, органска и локално растена храна со што доаѓа до целосно прочистување на организмот. Балансирана исхрана и секако да се внимава количината која се консумира на еден оброк, преку правилно распределување на оброците.
*Дали диетите за брзо слабеење се опасни по здравјето. Некои гарантираат губење на 10 килограми за месец дена, но дали навистина може да се оствари тој резултат-кое е вашето мислење ?
-Мојот пристап е индивидуален и преставува план за здрав начин на исхрана преку менување на навиките со Здрави Навики и главно навикнување на организмот на оптималната количина потребна за да функционира организмот и потоа напредокот да остане долготрајно, секако дека може да се постигне намалување на килограмите и до 10 килограми за еден месец, со правилен план на месечно ниво и стручна контрола, сепак се зависи од личноста неговите цели, здравствена состојба и животен стил.
*Што е клучно да ослаби една личност, од што зависи колку личноста може да намали килограми ?
Главно и најважно е позитивната мисла, решеноста да се направи промена кај себе и посветеноста кон начинот на исхраната како и контролите кои според напредокот создраваат мотивација да се продолжи и да се успее кон остварување на целите.
*Која храна вие ја препорачувате како најдобра за наутро?
Тоа е сепак индивидуално и она кое за мене е најдобро не е за секој, затоа главно се водам според холистичката анаменеза, мерењата на функционална вага со што можам да согледам која храна е најповолна според индивидуалните карактеристики, здравствената состојба и животниот стил.
*Што е најдобро да се направи прво наутро?
Најдобро е да се започне денот со пиење на вода бидејќи помага во исфрлувањето на токсините од организмот, го зајакнува имунитетот и помага кон подобра работа на сите системи во нашиот организам и го забрзува метаболизмот.
*Дали е препорака да се појадува еден час по станувањето?
На научно ниво нема таква препорака бидејќи има разни студии каде и без појадок се функционира сосема нормално, сепак се е до организмот, стекнатите навики и сѐ останато кое го дефинира, така да правилата ги креираме според нашиот организам и најважно од се е да го слушаме нашиот организам и да се водиме според потребите.
*Колку е важен тајмингот на исхрана во слабеењето, колку количината на храна, колку начинот на приготвување?
Правилниот редослед на оброци е многу важен како и количината која се консумира, во однос на тајмингот има важни правила во однос на времето помеѓу појадок и ручек и ручек и вечера како и ужинките кои се препорачуваат и секако главно е препораките во однос на подготовката на храната и изборот на намирниците.
-Треба ли да се обрне внимание и на физичката активност паралелно со исхраната?
Многу важно е да се практикува некаков вид на физичка активност, умерена или интензивна се е тоа по избор и зависно можностите но секако е важно да има било каков вид на физичка активност додека се води одредена програма.
-Со оглед на тоа дека овој период имаме најголем избор на сезонско овошје, што препорачувате вие најмногу и зошто токму тоа?
Повторно се е по избор и зависно здравјето и потребите но цитрусните овошја се оние кои се освежителни и богати со витамин Ц, портокалите имаат и низок гликемиски индекс исто и црешите кои ги имаме секоја година, бидејќи овие плодови имаат низок гликемиски индекс и мала содржина на јаглени хидрати, како и антиинфламаторни агенси кои ги нема толку многу во останатите растителни извори. Исто така имаат и антиоксидативно дејство, штитат од кардиоваскуларни болести, карцином и други хронични состојби. Потоа бобинките кои се богат избор на витамини и растителни влакна, обезбедувајќи оптимален внес на диетални влакна, неопходни за правилна дигестија. Потоа лубеницата, која го хидрира организмот поради големата количина на вода во себе. Потоа праските и кајсиите кои се лесни за консумирање во лето и се важен извор на влакна и нивната хранлива вредност.
-Кои намирници според вас како нутриционист треба да се на менито на секој човек секојдневно?
Брзиот начин на живот не изложува на стрес повеќе од било кога.
Поради ова многу луѓе имаат проблеми со варењето на храната, што доведува до пореметување во исхраната предизвикано од недоволното производство на желудочна киселина, а тоа пак води до исцрпеност и постојано чувство на замор. Поради тоа многу важно е да јадете цела храна- Цело овошје и зеленук- свежо и необработено во потполност како што го добиваме од природата, жита од цело зрно, идеата е да јадеме во целост.
Да се консумира органска храна: Избегнувајте пестициди, хербициди, антибиотици и хормони во вашата храна со избирање на органски намирници кога и да сте во можност, органската храна има подобар вкус и содржи повеќе хранливи материи.
Колку може повеќе да се избегнуваат шеќерите: Отфрлање на рафинирани и вештачките засладувачи со природна замена . Да се пие многу вода-секој според својот организам. Да се намали внесот на натриум: Намалете го внесот на сол со избегнување на преработената храна. Да се купува од локалните производители и јадете сезонски намирници. Да се елиминира белото брашно. Што повеќе да се јадат здрави масти: Здравите масти се важни за добро здравје, умерени количини на органски ладни масла.
За готвење со висока температура, одберете масла што можат да се користат на високи температури. Сепак, избегнувајте транс масти од хидрогенизирани масла и заситени животински масти од црвено месо и млечни производи. И најглавно од се внимавајте што и колку консумирате. Дури и кога јадете здрава храна, сепак е важно да се потсетите на количината на оброкот-мерење со дланка.
Ирена Ставрова