Искрено со Гоце Михајлоски: Лузните остануваат цел живот - да не потсетуваат што сме преживеале
Гоце Михајлоски (41) е политиколог, главен и одговорен уредник на информативната програма на Канал 5 ТВ, водител на „Само Интервју“.
Негови гости биле сите битни личности од политичкиот живот.
Тој е многу повеќе , од лик од тв екраните. Секогаш знае да го постави вистинското прашање, без да го наруши својот интегритет и професионалниот пристап кон работата.
Во брак е со Марија Сиљаноска Михајлоска, економист. ХР менаџер во НВО „СОС Детско село" и јога инструкторка. Родители се на седум годишниот Максим.
ЖМ: Медиумот е сурово место за работа, а да се биде јавна личност, неминовмно ве става под лупата на гледачот, кој секогаш е спремен да го активира критичното око, бидејќи политиката е „најважната споредна работа“ во Македонија. Како реагирате на критиките?
-Јавноста најчесто е праведна во судовите. Те фали кога е за фалање, те критикува кога е за критикување, нема тука личен однос, те гледаат низ призмата на тоа што и како работиш. Не мора некој да е стручњак за новинарство за да процени дали тоа што го пишуваш, зборуваш, прашуваш, е искрено и чесно, во име на јавниот интерес, или е со некаква позадина, политичка, бизнис, лична, без разлика. На крајот на денот, секој има право на свое мислење. На почетоците имало и неспани ноќи, но со текот на времето го прифатив тоа како дел од работата. Не дека сега ми е сеедно, но научив да живеам со тоа. Ретко реагирам, освен ако не се преминат некои линии.
ЖМ: Во „Само интервју“ знаете да бидете, директен, да премолчите да не ги вознемирите страстите на гостинот, до мигот кога сепак ќе најдете начин да му ја потенцирате вистината. Освен мудар и стабилен како пред тв екраните, кои особини се доминантни во вашиот карактер приватно?
-Јас сум истиот и пред камерите и приватно. Дури и да сакам, не би можел да го сокријам карактерот и темпераментот во емисија која трае по еден час во живо и знае да биде непредвидлива на моменти. Се обидувам секогаш да бидам пред се трпелив и смирен, да го ислушам внимателно човекот спроти мене, без разлика дали е во студио или на кафе муабет, дали е некој висок функционер или човек од соседството. Мислам тоа е многу важно во нашето општество, да научиме повеќе да слушаме, а секако кога се соочуваме со манипулации и невистини да реагираме гласно.
ЖМ: Завршивте политички науки. Дали интересот кон политиката се појави во текот на средношколските денови? Бевте ли тинејџер кога во одредени ситуации не го прифаќавте „не“ како одговор и не се предавате, иако тоа резултирало со неуспех?
-Па, и многу порано. Како и во повеќето семејства во 90-тите, и кај мене дома вести се гледаше редовно. Тоа беа бурни години, први на независна Македонија, со сите проблеми и предизвици што ги донесе транзицијата, во поранешна Југославија беснеше војна... уште тогаш почна да ме интересираат политиката, партиите и политичарите што ја кројат судбината на сите нас. Потоа, почна да излегува првиот приватен весник „Дневник", кој се продаваше по симболични 5 денари, па речиси секојдневно дел од џепарлакот освен за видеоигри го трошев и за примерок од весникот. Како тинејџер не бев ниту бунтовник, ниту тврдоглав. За среќа, растев и се образував во средина во која најчесто сум наоѓал разбирање, и со родителите и со наставниците, па не сум бил доведуван во ситуација да велам "не".
ЖМ: Родени сте и живеевте во Прилеп, а поради студиите моравте да дојдете во Скопје. Како го голтнавте „големото јаболко“. Што ги обележаа вашите студентски денови?
-Немав некој поголем проблем да се прилагодам на животот надвор од дома. Имав супер цимери со кои поминавме прекрасни студентски денови, исполнети со многу дружење и забави. Иако, секако на сите на прво место им беше факултетот, денес се успешни лекари, адвокати, инженери, архитекти, професори...
ЖМ: Во животот, успехот и неуспехот се должат на труд и напорна работаа. Секако, потребни се и храброст и среќа. На што се должи вашиот успех?
-Па, веројатно од се по малку. Почнав да работам како новинар почетник во завршната година од студиите во тогашниот весник "Време", во 2005 година и од тогаш сум имал многу успони и многу падови. Секако најголемиот предизвик беше по затворањето на А1 ТВ во која работев последните три години, со оглед на околностите тогаш. Важно е човек да остане со ладна глава и во такви моменти, животот сепак дава не една, туку неколку шанси. Продолжив да работам трпеливо, напорно и посветено, и иако практично повторно од 0, новите можности брзо дојдоа.
ЖМ: По напорниот и стресен ден, убаво е кога човек ќе се врати во своето семејно гнездо. Вие сте и сопруг и татко. Умеете ли да ги оставите проблемите пред чергичето пред вратата на домот и да уживате со најмилите?
-Најчесто да, успевам, но со оглед на природата на работата, има денови кога тоа за жал не е можно. Секако и во тие ситуации внимавам детето да биде максимално заштитено, а сопругата уште од врата знае да ме "прочита". Најмногу благодарение на разбирањето што го има, низ разговор брзо ми поминуваат и најголемите нервози. Тука последените 2 години помага и нашето куче Фиби, која има позитивна енергија на која не е можно да се остане рамнодушен.
ЖМ: Кога се случи првата љубовна искра со сопругата и сфативте „ да, таа е вистинската“?
-Со сопругата се запознав сосем случајно, на новогодишна забава за дочекот на 2001 година и практично од тогаш сме заедно. Марија е супер друштво, има различен темперамент и карактер од мојот, па одлично се надополнуваме и корегираме меѓусебно.
ЖМ: Многу родители се во позиција да се растргнат помеѓу посакувањето на подобар живот за своите деца и надежта дека ќе останат тука. Се палшите ли дека вашиот единствен син ќе замине далеку од оние кои најмногу го сакаат. Или верувате во подобра иднина за младите во Македонија?
-За ова прашање немаме дилеми ниту јас, ниту сопругата. Секогаш ќе го поддржуваме да си го најде сам својот пат во животот, без разлика дали ќе одлучи тоа да биде во Македонија или во странство. Секако, најдобро ќе биде и Максим и сите деца да гледаат перспектива дома, ама за жал сега тоа не е случај. А ако нешто драматично и брзо не се промени, состојбата само ќе се влошува.
ЖМ: Откако се соочивте со Ковид, по хоспитализацијата изјавивте дека оваа болест ви остави две рани, кои ќе останат врежани во текот на вашиот живот. Болката не исчезнува, но научивте ли да живеете без вашиот татко, кој оваа болест му го одзеде животот. Кога најмногу ви е потребен?
-Лузните остануваат за цел живот. Физичките може со текот на времето да избледат, ама не исчезнуваат и тука се да не потсетуваат што сме преживеале. А лузните во душата иако не се гледаат, се носат секогаш, за нив не треба огледало. Загубата на родител е болна за секого што ја доживеал, нема начин да се потполни никогаш таа празнина.
ЖМ: Имате ли хоби, страст. Каде најчесто ги минувате слободните денови со семејството?
-Без дилеми моето омилено место за "бегство" е Прилеп. Не поради минатото и некаква носталгија, туку поради амбиентот, драгите луѓе и места. Некое посебно хоби немам, но одлично ми доаѓа обврската да го шетам кучето два пати дневно.
Соња Алексоска Неделковска