Ја чистиме душата од притисоци: Македонските пејачи за духовната музика

Добивај вести на Viber

Со репертоар од духовни песни кои вообичаено се пеат во храмовите може да се пофалат и неколку популарни пејачи од домашната сцена. Објаснуваат дека најголем мотив им е љубовта што ја чувствуваат кон Бога, а емоциите за време на изведбата најчесто не можат да ги опишат со зборови. За нив духовната музика е место каде се чува вистинската традиција. Ја доживуваат како возвишена уметност која им помага да се борат, да бидат подобри христијани и пред сѐ подобри луѓе.

Силни емоции и на погреби и на свадби

Популарната кантавторка Андријана Јаневска цел живот е во допир со овој специфичен музички жанр. Уште од прво одделение била член на хорот „Пиколо“, како што вели, единствен детски колектив што ја негува духовната музика. Од нејзините средношколски денови е во женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ во кој е активна и денеска.

- Откако паметам за себе сум во допир со духовното. Станува збор за интерпретација која не може да се објасни со прости зборови. Ми се случило и да останам без глас, од возбуда да не можам да отпеам докрај. Тоа се силни емоции кои тешко се објаснуваат. Сме пееле и на погреби и на свадби. Духовната музика ми ја одмара душата, таа ми е лек од секојдневните стресови и притисоци. Секој си наоѓа вентил, а мојот одамна го пронајдов - објаснува Јаневска.

Андријана: Откако паметам за себе сум во допир со духовното. Станува збор за интерпретација која не може да се објасни со прости зборови

Во тинејџерските години оваа музика важно влијаела и во животот на нејзиниот колега Ламбе Алабаковски кој на социјалните мрежи редовно објавува статуси со верска тематика. Руски и западни арии првпат почнал да изведува во музичкото училиште. Вистинската духовност ја искусил кога се запознал со монашкото братство од Бигорскиот манастир. Благодарение на Игуменот, отец Партениј, стапил во контакт со духовната музика.

- Заедно работевме на проектот „Пасхално еко“, материјал за кој првпат во историјата на македонската музика е направена оркестрација на древни источноправославни напеви, еден исклучителен спој на Македонска филхармнонија и источновизантиската музика. На концертот се претставивме јас, монахињата Касијана и хорот при МПЦ. Негувањето на византискиите мелодии продолжи и со мојот колега и пријател Димитар Андоновски - раскажа Алабаковски во една прилика.

Ламбе објасни дека емоциите со кои се исполнува овој жанр зависат од духовната возраст и од благодата која ни ја дава Бог.

- Чувствата доаѓаат кога сме со отворено срце. Радоста, тагата, силата, вербата и љубовта не се опишуваат. За Боженственото зборови не постојат - дополни младиот пејач.

Вистинската духовност ја искусил кога се запознал со монашкото братство од Бигорскиот манастир: Ламбе Алабаковски

Спас од секојдневните искушенија

И Димитар Андоновски источното византиско православно пеење го опишува како исконско, нешто што ни е откриено од Бога, а за него чудесно убаво.

- Се радувам што сѐ повеќе се зголемува интересот кај младите за ваквото пеење. Во последно време низ повеќе градови на нашата земја, под влијание на монаштвото се формираа многу византиски хорови, кои го негуваат источното православно пеење. Самата природа на ова пеење бара од пејачот одредени морални критериуми и одредено ниво на духовност. Тој кој би сакал да му се посвети , би требало да биде морален и верен човек кој го сака Бога и луѓето и посветува внимание на својот духовен живот. Источното православно пеење е молитва. Кога ја изведувам оваа музика чувствувам како да сум во друга димензија. Сосема спротивно од она што го работам на естрадата. Овде сум свој на своето, поврзан со небото и со земјата - појаснува Андоновски. 

Андоновски: Кога ја изведувам оваа музика чувствувам како да сум во друга димензија

Во манастирот „Јован Бигорски“ тој го нашол, како што вели,  големиот мир, духовен, приватен. Вели дека таму му е убаво да се одмори од сите искушенија кои го оптоваруваат. Апелира помладите што почесто да ја посетуваат Црквата, за таму да си ги научат вистинските православни вредности, да живеат според законот на Бога, да постат, да се исповедуваат, да се причестат.

- Само така ќе си го најдат своето спасение. Живееме во едно брзо време, со многу искушенија, многу човечки страсти, љубов кон парите, сѐ некако помалце кон Бога, така што ова нека биде еден апел до сите христијани, да си спомнат за Господа и преданието што тој го дал за сите нас христијани - додава тој.

Ѓ.С.