Ја закопаа покрај синот и сопругот: Сеќавање на грандиозната актерка Катерина Крстева која секогаш негуваше ведар дух
„Талентирана да нѐ засмева“ со овие зборови започнува посвететата на македонската актерка Катерина Крстева на фејсбук групата „Ѓорѓи Колозов“.
На оваа група, администраторите постојано објавуваат посвети на доајените на македонското глумиште.
„Денес се сеќаваме на грандиозната - Катерина Крстева која на 20-ти Јули ќе наполнеше 86 години. Талентирана да нѐ засмева! Доволно раскошен талент да направи гледачот сосема да ужива во нејзината глума! Катерина почива на бутелските гробишта заедно со сопругот и синот! Вечна слава на големата и незаборавна Мара Попара“, стои во објавата покрај фотографијата на Катерина со нејзината препознатлива насмевка.
Македонската актерка почина на 9-ти јануари 2023 година. Катерина во јавноста најповеќе ја препознаваа како Мара Попара, по улогата во филмот „Во кафулето кај Гене“.
Катерина Крстева е дел од создавањето на историјата на театарската уметност во Македонија. Нејзиниот препознатлив и ведар дух и лик, како и веселост на театарската сцена и ТВ екраните ја направија миленичка на широката театарска, филмска и телевизиска публика. Како актерка е вработена прво во Драмски театар, за во 1964 година да премине во НУ Македонски народен театар, Скопје, каде останува сé до пензионирањето.
По смртта на актерката на социјалните мрежи се појавија сведоштва на блиски колеги на Катерина, дека имала тежок живот со кој одлично се носела. Нејзинот единствен син кој го родила во доцните 50-ти години, починал на негови 36 години.
Многу често нејзината колешка од Македонскиот народен тетар, актерката Стојна Костовска знае да евоцира спомени преку фотографии од нејзината „Кате“. Освен што беа колешки од МНТ, заедно го создаваа и прокетот „Хихируку“ во кој дел беа голем дел од македонските актери кои повеќе не се дел од овој свет, Ванчо Петрушевски, Емин Нунџел, Владимир Ангеловски – Дади, Димче Мешковски, како и главниот „виновник“ и таткото на модерната македонска сатира, режисерот Иван Карадак.