Катерина Димовска: Прогнозите беа застрашувачи, но не се предадов- пет години се борев да ја вратам функцијата на прстите од десната рака и успевав
Петок 13 јануари 2010 година. Ден кога животот на Катерина Димовска (33) се сменил од корен. На 20 години се соочила со најтешката повреда и најголемата животна борба. Поради повреда на десната рака се откажала од атлетиката, работата, дружбата со врсниците и забавите.
- Беше 23 часот и 25 минути. Се потпрев на масата, завртена со грб. На самата ивица до масата стоеше пивско шише. Се обидов да го фатам пред да падне на под. Се се случи во секунда. Пред да се скрши, тапата заврши во мојата рака на 2 сантиметри од вената. Не почувствував никаква болка. Кога ја кренав раката видов дека крвта шишти на сите страни, на тепих, по ламинатот. Бев со крв до лактот. Во тој момент само истрчав од дома. За моја среќа застанаа луѓе со автомобил и веднаш ме однесоа во Ургентен центар. Се собраа вкупно 13 лекари кои дежураа таа ноќ. Прво ми зедоа крв да ги проверат параметрите. Да видат колку крв сум изгубила. Следуваше снимање на десната рака. Откако ги завршија испитувањата ме вратија назад на Ургентен центар. Снимките покажаа дека не сум ја исекла вената. Во тој миг само реков „ти благодарам Боже“ - се присетува Катерина на таа вечер.
- Ми ставија инекција дијазепам и анестезија во десната дланка. Ме внесоа во соба за интервенција, каде што ме шиеја. Во тој момент не почувствував ни болка, ниту бев исплашена. Гледав како влегува иглата под мојата кожа. После полноќ ме пуштија дома. Еден месец одев на преврски, секој втор ден. Откако ми ги извадија конците не можев да ги мрдам прстите ниту пак ги чувствував. Следуваше физикална терапија, парафинска, магнетна и ласерска. Имав вежби, фаќав ќибритчиња со прсти и ги редев едно до друго. Шолјата за кафе ми беше претешка. Кваката на вратата не можев никако да ја притиснам, да ја отворам ниту пак да се потпишам. Научив да ја користам левата рака за да јадам, да се туширам. Буквално десната рака не ми беше корисна за ништо – раскажува таа.
Во текот на опорувањето имало моменти кога се откажувала и се подготвувала да ја прифати реалната ситуација -дека никогаш нема да ја користи десната рака.
- Често плачев. Но, набрзо се соземав и си велев: Со Божја помош и со верба во Св.Василиј Велики ќе успеам да ја вратам раката во функција, иако прогнозите на докторите без застрашувачки. Почнав да ја добивам силата на раката после 5 години упорност, вежби. Само палецот и показалецот ми се умртвени 60 посто. Но, тоа не ми пречи при работа. Мојата порака до луѓето кои се соочуваат со ваков проблем или болест, бидете позитивни, имајте верба во Бога и во себеси. Се се постигнува, ако човек сака. Ниедна битка не е изгубена додека имаме сила волја и верба во Бога. Сè се лекува, сè се надминува. Не ги слушајте негативните коментари дека нема да успеете. Напротив насмевнете се и кажете им гледајте еден ден ќе успеам – посочува Катерина која пред повредата била член на атлетскиот клуб „ Делта“ и освоила многу признанија.
- Со Атлетика почнав да се занимавам од средношколските денови. Во 2005 година почнав со школски кросеви на кратки патеки на 800 метри, 1500 метри, 3000 метри и 5 километри. Во 2007 година почнав да тренирам на долги патеки, го истрчав Охридскиот Маратон, бев втора во трка од 30 километри. Следната година првпат настапив на Белградскиот Маратон и истрчав 42 километри. На Балканското првенство го освоив второто место. На нашиот скопски Маратон трчав 42 километри и го срушив рекордот со 3 часа и 21 мин, кој сè уште никој не го надминал. На Ултрамаратонот, кога имав 18 години успеав за 24 часа да претрчам 100 километри и освоив второ место – открива Катерина која последната трка ја истрчала во хуманитарни цели.
Соња Алексоска Неделковска